„Здравје Радово“ најголемата млекарница во Македонија ќе се продава. На 16 – ти месецов извршител направил заплена во сопственичкиот удел во млекарницата која е лидер по откупот на млеко и производство на сирење и кашкавал, објави Алсат М.

Според официјалниот документ објавен на Централниот регистар, „Здравје Радово“ должи 4 милиони и 300 илјади евра како главен долг, 20 илјади евра по основ на камата, и 9 илјади евра плус ДДВ – трошоци за извршител.

Продажбата на млекарницата ќе ја прави НЛБ Тутунска банка од каде млекарницата земала кредити, а не ги враќала. Оглас ќе биде пуштен и во дневните весници, потег преку кој треба да се привлечат заинтерсирани купувачи. Две фирми се јавуваат како сопственици во „Здравје Радово“. 99 проценти од млекарницата се во сопственост на Земјоделкиот комбинат Пелагонија, а 1 процент поседува компанијата Пелагонија Енерџи ДООЕЛ.

Сопственици на ЗК Пелагонија се Орка Холдинг на Орце Камчев, Цветан Панделевски и  „Ексико“. Во одборот на директори на Комбинатот има пет члена, меѓу кои неизвршни директори се Камчев и Панделевски, кој е сосптвеник и на фирмата „Пелистерка“.

Токму овие двајца се во притвор за случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство кое ги товари за повеќе кривични дела – злосторничко здружување, оштетување и повластување на доверители, злоупотреба на службена положба, измама и перење пари. На листата осомничени се и поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков, Ратка Куновска – Камчева, Христина Камчева – Стојчевска или вкупно 13 лица.

Втората компанија која се јавува како сопственик на „Здравје Радово“, Пелагонија Енерџи ДООЕЛ исто така е под заплена на извршител поради долгот на млекараницата. Инаку, летово Собранието на акционери на земјоделскиот комбинат најави дека продава удели во неколку фирми. Меѓу нив се најде и Пелагонија Енерџи ДООЕЛ. На продажба беше ставен единствениот удел од 100 проценти за цена не помала од 8,5 милиони евра..

Преземањто на „Здравје Радово“ почна во 2015 година, кога Камчев и Панделевски станаа малцински акционери. Потоа, во 2017 година ЗК Пелагонија ја купи во целост млекарницата за 12,6 милиони евра, однсоно Камчев и Панделвски сами на себе, односно на нивната ЗК Пелагонија ги продадоа акциите.

Млекарницата „Здравје Радово“ има три погони, во Битола, Куманово и Струмица како и дистрибитивни центи во скоспко Трубарево и Битола. Според проценките таму се вработени над 300 лица. Алсат стапи во контакт со дирекцијата на фирмата во Скопје, но сепак одговорот од вработените беше дека сите од надлежните кои треба да дадат одговор се на состаноци.