Предлогот веќе утре треба да се најде на владина седница, каде се очекува да биде усвоен

Кафулињата, кафеаните, рестораните и сите други угостителски објекти ќе работат до 21 часот наместо како досега до 23 часот, дознава „360 степени“ од владини извори. Скратувањето на работното време за два часа доаѓа како предлог на Комисијата за заразни болести, кој денеска бил разгледан и одобрен и од владиниот кризен штаб.

Предлогот веќе утре треба да се најде на владина седница, каде се очекува да биде усвоен.

Министерот за здравство, Венко Филипче, индиректно веќе ја најави оваа мерка во интервју за „Сител“. Тој кажа дека ако мерките не даваат резултати се размислува за целосно затворање на угостителските објекти неколку часа порано од тоа што е сега или целосно затворање на објектите каде што се одржуваат културни настани.