Со ревидираните податоци изнесени на вчерашната матична собраниска комисија со која започна расправата за ребалансот на буџетот, јавниот долг на Македонија ја надминува препорачаната граница од 60 отсто од бруто домашниот производ. Проекцијата покажува дека до крајот на годината задолжувањето ќе изнесува 60,3 проценти.

Сега се разбиени буквално сите лимити на јавен долг и во светот и во Европа и насекаде. Ние немаме проблем, Буџетот е стабилен. Гледате дека најголемите даноци, ДДВ, персоналниот данок на дохот и данокот на добивка, иако имаме одложени аконтации со одлуки или уредби со законски сили сите се или на исто ниво или имаме одредено зголемување. Ние сме финансиски стабилни, екстензивноста на Буџетот, којашто ја гледате во овој ребаланс, а веројатно ќе ја има се додека трае кризата, е барање начин како да се вбризгаат допополнително плус пари за да и помогнеме на економијата, потенцираше претседателот на Владата“, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Ова го потврди и министерот за финансии Фатмир Бесими на презентацијата на ребалансот на буџетот пред матичната комисија за финансирање и буџет, откако ги корегираше проекциите. Наместо 59,5 отсто од БДП, колку што изнесуваше процентот кога помина на владина седница,, сега тој ја надминал критичната граница од 60 проценти и изнесува 60,3 отсто од БДП. Бисими додаде дека корекциите се должат на редовната ревизија на номиналните вредности на домашниот бруто-производ од страна на Државниот завод за статистика објавени на 5 октомври.

Со ваквиот нов номинален износ на БДП дефицитот во Буџетот за оваа година наместо 8,4 отсто, ќе изнесува 8,5 отсто иако неговата апсолутна вредност останува иста. Исто е и со надворешниот долг, кој според номиналната вредност на БДП од 30 јуни годинава во однос на БДП беше 59,5 отсто, а сега со надолната корекцијата на номиналниот БДП иако долгот е со иста вредност од 6,527 милијарди евра, претставува 60,3 отсто од БДП, наведе Бисими пред пратениците.