Читање печатени и дигитали текстови, весници, книги, ресторански менија, знаци, етикети/декларации на производи, екрани на мобилни и компјутери… Ова на слепите и на лицата со оштетен вид ќе им го овозможи израелската иновација „ор кам мај ај“ (OrCam MyEye), која во текот на месецов се очекува да пристигне и кај нас.

Прв корисник ќе биде девојче од Битола.

Како ќе се дистрибуира „ор кам мај ај“ и за кого сè ќе биде достапен, допрва ќе се дефинира, иако првичните контакти со надлежните се веќе направени. Станува збор за многу едноставна направа, базирана на технологија (софтвер) за вештачки вид. Освен што чита печатени и дигитали текстови, препознава и лица, производи, кредитни картички, пари…Тежи само 22,5 грама и по принцип на магнет се „закачува“ на рамките за очила.

Со нашиот паметен уред оспособуваме десетици илјади луѓе кои се слепи или имаат оштетен вид. Им овозможуваме да работат, да функцонираат нормално во секојдневниот живот, рече Рафи Фишер од „Ор кам“ пред македонските новинари кои со поддршка на Фондот за иновации имаа можност да посетат повеќе стартапи во Тел Авив и Ерусалим.

Демонстрирајќи како функционира уредот, Фишер напомена дека „ор кам мај ај“ работи и во темно, а пораките (читањето) ги пренесува преку мини ХД-звучник. Во него е вграден и ГПРС-навигатор. Апаратчето е способно автоматски да го ажурира и софтверот за вај-фај.

Батеријата трае 1,5 час ако корисникот чита книга или цел ден ако се користи повремено. Уредот сам кажува колку од батеријата е потрошена, а се полни многу брзо, 70 отсто за 15 минути.

Капацитетот на препознавање е 100 лица (со име и презиме), два милиона различни баркодови и 200 видови производи. Притоа, сè што корисникот чита, останува, се чува во апаратчето. Значи, од тој аспект, смарт уредот е сосема доверлив, безбеден. „Ор кам мај ај“ може да ви каже и колку е часот, ако носите рачен часовник и го приближите накај него, како и да ве предупреди дека некој стои спроти или до вас, дали е машко, женско или дете, објасни Фишер.

На компанијата ѝ требале многу години да го развие производот. Првата генерација „ор кам мај ај“, освен „читач“, имала плус два засебни дела: батерија и жица, кои корисникот морал да ги носи со себе. Но, сегашната, напредна верзија е значително поедноставена. Сè е содржано во една компонента.

Засега, уредот „зборува“ на 25 јазици, меѓу кои јапонски и кинески, а од „нашите поблиски“, руски, чешки и бугарски. Наскоро се очекува да биде достапен и на арапски. Го има во над 40 земји од светот и чини околу 4.500 евра. Во САД ветераните го добиваат без пари, а во Германија го обезбедуваат осигурителните друштва.

Веќе преговараме и со други земји, како вашата. Бараме партнери, а тоа може да бидат невладини организации, Сојузот на слепи, осигурителни компании. Всушност, ова е одлична основа за почнување бизнис, рече Фишер.

Дополни и дека производот му бил презентиран на принцот Вилијам.

Израелскиот амбасадор Дан Оријан, кој ги организираше посетите на израелските стартапи и постојано ги придружуваше новинарите, информира дека за дистрибуирање на „ор кам мај ај“ во земјава веќе се остварени средби со министрите за здравство и за труд, Венко Филипче и Мила Царовска.

Дефинирано е и кој ќе биде првиот корисник на „ор кам мај ај“. Се работи за девојче од Битола, откри Оријан.

Уште една израелска приказна овој месец во земјава

Двапати неделно фудбал, двапати неделно дополнителна настава. Вака изгледа „програмата“ на израелскиот стартап, чиј основач Лиран Гераси одлучил да им овозможи на сиромашните деца од помалку развиените региони да се занимаваат со „најважната споредна работа на светот“.

Гераси овој месец треба да дојде во Скопје и да преговара со наши заинтересирани институции, кои би помогнале во спроведувањето на проектот.

Ако децата не одат на дополнителна настава или ако таму не покажат соодветно, пристојно однесување, ќе го изгубат правото на бесплатно тренирање фудбал, објасни Гераси.

Проектот засега се спроведува во околу 80 земји, меѓу кои оние од Африка, а во регионот во Србија и Црна Гора.