На денешниот протест на вработените од Еурокомпозит пред Владата, за влакно избегнат инцидент. Откако чекаа повеќе од час и половина пред зградата за да заврши состанокот на нивните претставници со владини претставници, вработените од Еурокомпозит кои протестираа се обидоа да се преместат на платото пред владината зграда.

Тоа предизвика реакција на полицијата и по мало кошкање, портата од Влдата беше затворена, а вработените од Еурокомпозит го продолжија протестот на пешачката патека пред неа.

На денешниот протест, вработените во Еурокомпозит ги побараа, како што велат, придонесите што не им се исплажаат повеќе од шест години. Како што појаснуваат, нивната фирма не е загубар и може да работи, но за нив тоа  е залудно затоа што парите добиени од продажбата на тоа што ќе го произведат, никогаш не доаѓа во нивни раце.

Како што информираа нивните претставници по средбата остварена со вицепремиерот Кочо Анѓушев, имало поместување од мртва точка кон решавање на нивниот проблем. Тоа подразбира донесување закон, односно проширување на претходниот закон со што ќе се опфатат и 130 луѓе од Еурокомпозит, коишто ќе го добијат статусот што го имаа луѓето од другите фирми каде што имало стечајци или технолошки вишок.

Потоа ќе следува реорганизација на фирмата и барање купувач, кој ќе има обврска да ги подмири сите досега заостанати плати и придонеси за вработените во ова компанија.