Грозјето да биде стратешки производ со заштитена цена, предлагаат лозарите и бараат ова да биде една од измените во Законот за вино.
Мерката, сметаат, ќе значи гарантиран пласман и сигурна егзистенција на производителите, сигурност за околу 200.000 луѓе.
Регионалното здружение „Напредни лозари” овој и другите предлози ќе ги достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Предлагаме и откупувачите на грозје да имаат финансиска гаранција за исплата на откупениот род. Рокот за исплата да биде заклучно до 31 декември, а откупната цена по сорти да се објави најкасно до јуни тековната година. Откупот да се врши по шеќерни единици, а технолошката зрелост на секоја сорта да ја одредува Земјоделскиот факултет, а не винариите, бараат лозарите.
Овие одлуки се донесени на состанок на кој се разговарало за решавање на проблемите во лозарството. Производителите побарале и работна средба со новиот министер Трајан Димковски, за да се разгледаат овие предлози.
Со претходниот министер имавме добра соработка, се надеваме дека таа соработка ќе продолжи и ќе биде и подобра со новиот министер, стои во дописот испратен до Министерството.
Предлозите на лозарите се доставени и до пратеникот Панчо Минов.
Comments are closed for this post.