11 поплаки од граѓани стигнале до Регулаторната комисија за ладни радијатори. И по почетокот на грејната сезона се уште немаат парно греење. Поплаки од граѓани стигнаа и до редакција на 24.мк.
Велат дека секоја година иста приказна. Почнува грејната сезона, а тие се без греење со денови. Тврдат дека никој не се јавува на дежурните телефони на дистрибутерот и немаат кому да се пожалат.
Од Регулаторна пак тврдат дека тие интервенираат во истиот ден откако ќе ги добијат жалбите од граѓаните и бараат дистрибутерот БЕГ веднаш да излезе на терен. Во најголем број случаи, вели Марко Бислимоски, проблем со греење има кај постари згради каде има проблем со инсталацијата.
Тоа можеби се проблеми во инсталациите во некои од зградите. Почеток е на грејна сезона и се случуваат соодветни подесувања на самиот систем. Така што тие се главните причини. Во суштина целиот систем функционира нормално и на околу 60 илјади потрошувачи да имаме педесетина поплаки сметам дека е мала бројка. Но сите тие што имаат проблеми и што се обраќаат до Регулаторната во текот на истиот ден веднаш реагираме и бараме од БЕГ веднаш да постапи по нашите забелешки.“ – вели Марко Бислимоски, Регулаторна комисија за енергетика, за 24.мк.
Од операторот БЕГ повикуваат на поголема соработка со потрошувачите. Бараат граѓаните да ги отстранат сите дефекти на внатрешната инсталација, но и да проверат дали им се платени сметките за струја на подстаниците, зашто без напојување на електрична енергија парното не работи.
Со цел испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено, потребно е потрошувачите кој кои има дефекти на внатрешната грејна инсталација, да ги отстранат во најкус можен рок и истото да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи. Исто така, апелираме до сите Управители односно Заедници на сопственици да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската подстаница на објектот и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација)“. – вели Емилија Мишева, лице за односи со јавност БЕГ.
Оваа сезона освен на ладни радијатори, дури 37 скопјани се пожалиле и дека температурата во нивните станови е превисока, меѓу 25 и 27 степени, па барале од регулаторите да интервенираат за поладни радијатори. Од Регулаторната велат дека ваквите поплаки доаѓаат од поновите градби, кои се направени согласно стандардите за енегретска ефикасност.
Comments are closed for this post.