Фондот за иновации и технолошки развој остро реагира на изнесените полуинформации и невистини на вчерашниот и денешниот прес на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Од таму демантираат дека фирмата „Еленица Струмица“ е директен или каков било друг дел од сопственичка структура на корисник на средствата од Фондот по која било основа.
Од Фондот, потсетуваат дека компанијата „ПауерАд“, во конкуренција над 10.000 апликации, била избрана во топ 50 напредни стартап бизниси во светот од страна на Светскиот инвестициски форум кој се одржа во Истанбул, Турција. Тоа меѓународно признание дополнително потврдува дека оваа компанија е еден од стартапите со најголем потенцијал за пораст во 2019 година.
Од податоците што денес ги презентираше оваа политичка партија се (само)демантираат вчерашните обвинувања за „10,5 милиони евра изнесени од Фондот“. Средствата за ко-финансирање се во износ од 210.000 евра, од кои, досега, според утврдениот квартален систем се исплатени само дел од средствата. Намерно или случајно, се заборава да се спомене и податокот дека компанијата „ПауерАд“ вложува сопствени финансиски средства во износ од 95.000 евра, се вели во реакцијата на ФИТР.
Од Фондот информираат дека Одлуката за финансирање на компанијата „ПауерАд“ е донесена во декември 2018 година, заедно со уште 60 тина други компании. Два месеци предходно (во октомври) побарана и доставена е и Изјава за сопственичка структура. Потсетуваат дека обврската за доставување на Изјавата е воведена во рамки на истиот јавен повик, при што првично беше побарана за 79 компании за кои веќе беше донесена одлука за финансирање во јули 2017г. Изјавата е составен дел од апликацискиот пакет за сите јавни повици оттогаш. Исто така, и во оваа реакција, велат, обрнуваме внимание на фактот дека за секоја промена во сопственоста, по доставување на изјавата, а во период од 3 години по завршување на проектот, корисникот на средства има обврска да побара согласност од Фондот.
Во тек е ревизија на користењето на средствата од Фондот кај компанијата „ПауерАд“, што е дел од редовниот процес на мониторинг. Истиот го вршат две странски реномирани ревизорски куќи – Дилојт и Грант Торнтон. Зависно од наодите од ревизијата, ќе се донесе одлука за продолжување на финансирањето на проектот. Во овој дел, посебно нагласуваме дека ревизијата на користењето на средства од Фондот е редовна процедура која се врши на квартално ниво за сите компании – корисници на грантови од ФИТР и е основа без која не е можно продолжување на финансирањето на компаниите во следниот квартал, велат од Фондот
Износот на поддршата за домашните фирми е над 3.200% повисока од периодот до 2017 година, потенцираат од Фондот за иновации.
Comments are closed for this post.