Македонија во споредба со минатата година се искачи 25 места погоре на листата земји кои вложуваат во иновациска инфраструктура, покажува најновиот извештај на скок (ГИИ) за годинава објавен на 24-ти овој месец.

Како што соопшти денеска Фондот за иновации и технолошки развој, според овој извештај, кој рангира 129 држави во светот по 80 различни параметри, Македонија е на 59-то место, што претставува значителен напредок во однос на претходните две години, што во голема мера се должи на вложувањата во микро, мали и средни претпријатија од страна на Владата, Фондот за иновации и технолошки развој, и активностите на останатите субјекти во овој сектор.

Се посочува дека државата остварила високи резултати и во делот на зголемен степен на инвестиции во иновации од страна на домашните институции, како и подобрена бизнис клима со што се наоѓа во група со првите 50 земји во светот. Подобрување е забележано и кај постигнатите резултати од вложувањето во иновации, а земјата е на 63-то место, што е повисока позиција во однос на 2018 година.

Споредено со другите економии во Европа, во групата на земји со средно-високи примања, Македонија годинава има натпросечни оцени во пет од седумте столбови на Глобалниот иновациски индекс, кои се однесуваат на институции, инфраструктура, софистицираност на пазарот, каде е на 28-мо место, знаење и технолошки резултати и креативни резултати.

Во однос на останатите европски економии опфатени во студијата, земјава има натпросечни резултати во еден од седумте столбови, т.е. софистицираност на пазарот, каде е остварен напредок во поглед на пристап кон финансиски средства и едноставен начин на заштита на малцинските инвеститори.

Во извештајот државата  е рангирана на 12-то место меѓу 34-те економии со средно-високо ниво на приходи, а земјата има остварено повисоко ниво на развој од очекуваното и кај БДП.

Државата остварила значаен успех според индикаторите за квалитет ISO9001 (24 место) и високо- и средно-високи технолошки производи (20-то место), а подобрена е позицијата и во категоријата знаење и технологии, според кои Северна Македонија е на 66-то место.

Во препораките се наведува дека земјата треба да го подобри вложувањата во човечки ресурси и истражувања, сфера во која државата годинава има зголемен обем на тековни и планирани активности. Подобрување на школскиот систем, поцврста соработка помеѓу бизнис секторот и академската заедница, посилна инфраструктура за истражувања и развој на компаниите се области во кои се очекува зголемен ангажман на Владата, а во кои ФИТР веќе развива посебни инструменти и програми за поддршка.

Петте најиновативни земји според анализата на ГИИ годинава се Швајцарија, Шведска, САД, Холандија и Велика Британија, а на дното се Бурунди и Јемен. Извештајот на Глобалниот иновациски индекс на иновации се објавува 12 години по ред од страна на Светската организација за интелектуална сопственост во партнерство со бизнис школата Инсед и Универзитетот Корнел.