Многу е битна координацијата на фискалната и монетарната политика. Ако буџетот многу троши монетарната политика мора да стега и обратно, доколку монетарната политика е лабава буџетот мора да штеди. Доколку и двете се лабави може да се создадат големи проблеми. Оваа проблематика академик Таки Фити ja обработува во неговиот последен научен труд „Улогата на фискалната и на монетарната политика во стабилизацијата на економиите” промовиран синоќа во рамки на годинашната „Научна и уметничка визита“ во Охрид.
На промоцијата, осврт на трудот даде проф д-р. Владимир Филиповски кој истакна дека книгата претставува сублимат на најактуелните прашања на современата макроекономија, во кое авторот врши научно истражување на дизајнирањето и користењето на макроекономските политики во рамки на макроуправувањето со модерните економии.
Како особено важно прашање можеби клучно на денешната макроекономска дебата, Филиповски го посочи прашањето на нултата долна граница на каматните стапки и импликациите примарно врз монетарната, но и врз фискалната политика.
Монетарната политика борејќи се со длабоката рецисија може да ја намали каматната стапка до нула, како теоретски долга граница. Проблемот станува кога опоравувањето од рецесијата е пролонгирано, што меѓу другото значи побарувачката за кредити останува пролоногирано ниска, а исто така инфлацијата. Со еден збор монетарната политика станува неефикасна. На тоа се надоврзува и банкарскиот систем кој станува нефункционален, односно не испорачува кредити за опоравување на инвестициите и потрошувачката. Одржувајќи ја каматната стапка на нула, монетарната политика го губи главното оружје за борба против следната рецесија. И тоа е проблемот на феноменот нулта долна граница на каматните стапки, рече професор Филиповски притоа нагласувајќи дека во трудот се поместени и алтернативите што еминентни макроекономисти ги нудат како излез од стапицата, со систематизација на предностите и ограничувањата и на фискалната и на монетарната политика при обидите да се користат за надминување на ситуацијата на нулта долна граница на каматна стапка.
Она што беше особено нагласено во научната дебата беше токму проблемот што настанува со настапувањето на ерата на ниски каматни стапки, што според експертите навестува турбулентни макроекономски времиња.
Академик Фити накусо презентираше акценти од неговиот труд, притоа исто така осврнувајќи се на феноменот на ниски каматни стапки. .
Во мешани финансиски кризи како последната должничка криза од 2007 – 2009 година, работите страшно се комплицираат. Централната банка пушта пари, каматните стапки паѓаат и ќе дојдат до нула, а луѓето се уште не инвестираат и нема понатаму да се пуштаат пари и со тоа дополнително да се спушта каматна стапка во негативни вредности, така што монетарната политика станува неефикасна. Тогаш владите се свртуваат кон фискалната политика, преку буџетски трошоци за да се придвижи економијата, но тоа прави огромни јавни долгови. Така двете политики се врзани во јазол од кој тешко се наоѓа излез, рече академик Фити.
Тој додаде дека претпријатијата не сакат да инвестираат, луѓето не сакаат да земаат кредити, притоа толкувајќи го тоа како психолошки концепт кој нема потпора во економската мисла, но постои кога во главите на инвеститорите, на луѓето се вградува песимистичка мисла дека доаѓаат лоши времиња, колку и да е ниска каматната стапка тие се воздржуваат од инвестиции. Тука се јавува апсурдна ситуација, централните банки во услови на рецесија даваат тешки милијарди на комерцијалните банки со многу ниски, па и нулта каматни стапки, да нудат евтини кредити, а да нема интерес кај инвеститорите и потрошувачите.
Тоа е имагинарен фактор, чиста психологија што е претвора во реален економски фактор. Деновиве данска банка воведе негативна каматна стапка од 0,60 отсто на влогови, како феномен, да се плаќа на банките да ви чуваат вашите пари. Анализирајќи ги сите модерни концепции, идеи и предлози сепак се случиуваат апсурди. Печатењето пари економски гледано ќе заврши со инфлација, но не само што тоа не се случува, туку и каматните стапки доаѓаат на нула и инфлацијата станува многу ниска. На студентите ги учиме дека инфлацијата е монетарен феномен кој теоретски значи ако централната банка печати многу пари неминовно води кон инфлација. Но тоа не се случува. Едноставно, најверојатно финансиските пазари станаа многу длабоки, се јавуваат банки во сенка кои се моќни, а не се регулирани од Централната банка, рече академок Фити.
Осврнувајќи се на ситуацијата во земјата, Фити рече дека и Македонија не е изолиран остров, во која брзо се прелеваат глобалните економски промени.
Ние немаме класични економски кризи, но како отворена економија сите негативни ефекти брзо се пресликуваат тука, особено она што се случува во европските зони. Нашите комерцијални банки своите средства и штедни влогови во девизи главно ги чуваат во големите европски банки, но во случај на негативни каматни стапки, се случува да мора да плаќаат за нивно чување. Како тоа да се амортизира, Централната банка девизните резерви се големи, добар дел од нив банката ги пласира во првокласни државни обврзници и хартии од вредност за да ги оплоди, но сега мора да прават портфолио, да ги инвестира во малку ризични, поразвиени земји, А и А-плус колку толку да се амортизираат тие негативни аспекти. Мислам дека во основа добро изменаџира Централната банка, но тој проблем ќе го имаме. Кај нас нема да има негативни каматни стапки затоа што постои тука ризикот на земјата, независно што имаше значаен пад во 2007 година поради врзаноста на денарот со Европската централна банка. Прилично се намалија каматните стапки на штедните влогови, што не е добро за штедачите, а се уште се високи за инвеститорите, рече тој.
Академик Фити пред присутните укажа и на лошите менаџирања во одредени периоди на макроекономскта политика во земјата, кога за кус период од осум години е дуплиран јавниот долг, од 21 отсто учество во БДП на 48,50, што значи изгубен е фискалниот простор.
Сега доколку се случи инфлација, нема простор фискалната политика да реагира. Понатаму ако инвестира фискалната политика, мошне е битно за што се задолжува државата за што се трошат парите. Непродуктивните проекти како „Скопје 2014“ ништо не вредат. Јавната инфраструктура е никаква, пари во буџетот има, но тешко се реализираат. Така што и фискалната и монетарната политика има многу што да работат. Трето има правило, да се создава буџетски дефицит во добри времиња, за да има што да се троши во рецесија, да остане фискален простор. Мора и Владата да се однесува како економски субјект, во добра економска ситуација со релативно високи стапки на раст да се штеди во буџетот, рече тој.
И како особено укажување во насока на добро водење финансиска политика, академик Фити посочи на потребата од формирање фискален совет во Македонија. Србија и Хрватска веќе имаат такви тела, Црна Гора е во фаза на формирање фискален совет, сите земји-членки имаат такви тела.
Станува збор за тело од исклучителна важност за министерот за финансии. независно колку и да е големо неговото искуство. Бидејќи се работи за сложена проблематика, треба да постои тело што на еден или друг начин ќе му помага или ќе го предупредува. Но, истото да биде составено од независни непартиски експерти кои не носат одлуки, но укажуваат каде се греши, со кои одлуки се кршат фискалните правила. Тоа е комплексна проблематика, можеби најголем предизвик за економистите и не само за нив, е што проблемите стануваат комплексни, рече академик Фити.
Comments are closed for this post.