Кредитната агенција „Фич“ го зголеми кредитниот рејтинг на земјава од BB на BB+ што е прво зголемување по 13 години. Тоа, според министерот за финансии Драган Тевдовски, е најдобра потврда за исправноста на политиките што ги презема Владата и оти економијата се движи во вистинска насока.

„Ова е голем успех за нашата земја и големо признание за Министерството за финансии. Кредитниот рејтинг на една земја е еден од најважните индикатори за потенцијалните инвеститори кога ги носат своите одлуки за инвестирање. Тоа што сега ни е зголемен кредитниот рејтинг значи дека позитивно ќе влијае на нивните одлуки. Минатата година заради добрата насока во која се движи земјава прво меѓународните финансиски инвеститори многу подобро не евалуираа пред се преку каматната стапка која ја добивме за еврообврзницата, а потоа и преку приносите на еврообврзниците кои котираат на меѓународниот пазар. Сега ова е уште еден чекор во позитивна насока, бидејќи и рејтинг агенција се одлучи да го зголеми нашиот кредитен рејтинг“, рече Тевдовски на денешната прес-конференција во Министерството за финансии, посочувајќи дека последен пат во земјава кредитниот рејтинг е зголемен во 2006 година.

Тој нагласи дека зголемувањето на кредитниот рејтинг ќе има позитивно влијание на инвеститорите поради што може да очекуваме повеќе инвестиции од нивна страна, но ќе има влијание и да се зголеми извозот, да се отвораат работни места, да растат платите, да расте економскиот стандард на граѓаните и да има повисок економски раст, како и на намалувањето на трошоците за долгот на државата, бидејќи, како што рече, во иднина може да се очекуваат заштеди во каматите.

„Во извештајот Фич истакнува дека се направени позитивни чекори во поглед на евроатлантските интеграции на земјава и се дава признание за добро поставената фискална политика. Јасно се потенцира дека реформите кои се направени во фискалниот дел ги намалуваат надолните ризици во системот за јавните финансии, особено се потенцирани буџетската транспарентност и воведувањето на фискалното правило за општините, рече Тевдовски.

Советникот на министерот Тевдовски, Рилинд Кабаши, посочи дека Фич нотира оти подобрената политичка ситуација и напредокот на реформите се основа за економското закрепнување на земјава.

„Проекциите за економскиот раст се многу слични на оние на Министерството за финансии и се забележува дека основата на растот е широка. Покрај солидната лична потрошувачка тука се и закрепнувањето на домашните инвестиции, се коментира и пазарот на труд, падот на невработеноста, … Во делот на фискалната политика Фич очекува буџетски дефицит кој е речиси ист со оној на Министерството за финансии за оваа и за наредната година. Проекциите за државниот долг се во линија што укажува дека Министерството за финансии и Владата ја базираат својата политика на реалистични проекции, рече Кабаши.

Додаде дека Фич нотира оти рејтингот е поддржан од историјатот на кохерентна макроекономска и финансиска политика и дека имаме подобри индикатори на владеење и човечки развој, подобри услови за водење бизнис од споредливата група на слични земји.

Министерот за финансии нагласи дека земјава годинава не планира да издаде нова еврообврзница и додаде дека транспарентно ќе известат кога ќе имаат одлука за ребаланс. Најави дека во текот на следната недела ќе ги соопштат деталите за проектот за новата реформа за поврат на дел од ДДВ за граѓаните.

Прашан дали очекува да го зафати „метлата“ Тевдовски рече дека е целосно посветен на реформите и оти негова задача е да ги помести напред работите.

„Тоа го правиме и добивањето потврда од респектабилна меѓународна институција кажува дека во фискалниот сектор одиме со големи чекори напред. Од друга страна имам целосна поддршка за премиерот и неговите одлуки, бидејќи тој направи за многу кратко време земјава да оди во вистинска насока и да се отворат перспективите за евроатлантски интеграции кои се огромна поддршка за нас кои работиме во сферата на економијата или јавните финансии, рече Тевдовски.