Два нисконапонски изводи во скопското село Студеничани во моментов се без напојување како резултат на преоптоварување поради кражби и неконтролирано користење на електрична енергија во тој дел од селото, соопшти денеска ЕВН.

Дефектот, како што наведуваат, не може да се отстрани поради едно одредено семејство кое, како што велат, практично ги држи другите 100 домаќинства во заложништво без снабдување со струја.

Според информации на терен, семејството Идризи веќе подолго време присвоила и оградила улици на подрачје од 30-тина куќи и ги спречуваат екипите на ЕВН да го санираат дефектот. Неопходно е да се санира дефектот и реконструира мрежата за да се овозможи легално приклучување и мерење на електричната енергија. Нашата законска обврска е да им обезбедиме на сите граѓани стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија, велат од Електродистрибуција и додаваат дека вложуваат напори да се надмине ситуацијата.

Претходно од ЕВН соопштија дека жителите на липковските села Оризаре, Ваксинце и Лојане денеска се без електрична енергија, поради дефект, кој го предизвикале жители на Слупчане кои насилно и противзаконски влегле во енергетски објект, обидувајќи се сами да го вратат напојувањето.