Конзорциумот составен од ЕВН Македонија и ЕВН електроснабдување е избран за најдобар понудувач на електронската аукција за јавно поддавање за избор за универзален снабдувач со електрична енергија што се одржа утрово.

Како што информира претседателот на Комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач, академик Глигор Каневче, на ауцијата покрај конозрциумот учествуваше и ЕЛЕМ трејд ДООЕЛ Скопје, а понудувачот ЕВН понуди најниска маржа, односно процент на профитна маргина од 11,5 проценти.

Комисијата официјално до Владата ќе достави извештај за спроведената постапка со предлог одлука за избор на најповолна понуда и се надеваме дека на првата наредна владина седница ќе биде донесена одлуката за избор, по што најповолниот понудувач ќе биде поканет да склучи договор за универзален снабдувач со електрична енергија, рече Каневче.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев нагласи дека денеска конечно станува реалност она што беше замисла од Владата преточена преку Законот за енергетика што беше усвоен во мај 2018 година.

Се покажува дека Владата имаше знаење и капацитет да ги задоволи директивите на ЕУ во делот на регулирање на слободниот пазар на електрична енергија, а при тоа со воведувањето на универзалниот снабдувач да ги заштити граѓаните од ценовните шокови и да им гарантира поволна цена, рече Анѓушев.

Нагласи дека со универзалниот снабдувач како механизам се штити интересот на граѓаните и се обезбедува домашно произведената електрична енергија да стигне кај нив по најповолни цени и услови и на тој начин да се заштитат од ценовните шокови.

Со овој чекор на либерализација се завршува едно поглавје и од една страна се заштитуваат граѓаните, но од друга  страна се либерализира пазарот за малите компании кои сега имаат пристап на слободниот пазар и треба да очекуваат пониска цена на електричната енергија од таа што ја имаа досега, посочи Анѓушев.

Во одговор на новинарско прашање вицепремиерот потенцира дека досега начинот на пресметка на маржата на ЕВН на некој начин беше монополски, бидејќи Регулаторната комисија за енергетика ги прифаќаше сите трошоци за оперативното работење на компанијата и даваше маргина над тие трошоци.

Сега механизмот на пресметка е различен и во базичната цена се зема само цената на електричната енергија која универзалниот снабдувач мора да ја купи на тендерска постапка, а над тоа е маргината од 11,5 проценти во кои влегуваат сите оператинвни трошоци и ненаплатени побарувања, како и нивната маргина која ќе им остане после надмирувањето на трошоците, појасни Анѓушев и додаде дека повеќе нема да има признавање на нереални трошоци како досега.

Прецизира дека АД ЕЛЕМ, согласно Законот за енергетика,е обврзан да обезбедува 80 отсто од потребите на универзалниот снабдувач, а останатите 20 проценти ќе треба да ги купува на слободниот пазар. Тоа, ќе биде вградено во цената што ќе ја плаќаат крајните потрошувачи.

Со оглед на фактот што цената на слободниот пазар е зголемена потрошувачите ќе требаше да очекуваат покачување на цената на електричната енергија да не беше направен така миксот. Се надеваме дека со механизмот за воведување на универзален снабдувач ќе ја заштитиме цената. Како Влада ќе го држиме ЕЛЕМ во државна сопственост за да го заштитиме интересот на граѓаните. Практично на граѓаните во овој момент не им се исплаќа да излезат на слободниот пазар иако имаат право тоа да го направат, рече Анѓушев.

Посочи дека очекува да нема покачување на цената на струјата и по 1 јули кога Регулаторната комисија за енергетика треба да ја утврди новата цена на електричната енергија што ќе важи за универзалниот снабдувач.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека ЕВН понуди маржа од 11,5 проценти со што се намали првичната маржа од 14,4 за старт на аукцијата што беше понудена од истиот понудувач.

Со двата понудувачи на јавната аукција Владата покажа дека на конкурентен начин ги решава сите прашања, рече Бектеши и додаде дека во наредните пет години ЕВН треба да биде универзален снабдувач со електрична енергија.