Сериозно не загрижува дека на малите хидроцентрали гледате како на „најеколошки извори на енергија“, преку кои „се обезбедува бидоверзитетот, преку паралелно обезбедување на рибниот фонд и протокот на реките“. Особено е загрижувачки фактот дека овој став, како што наведувате, е во согласност со поуките на Вашите стручни советници“, реагираше денеска Фронт 21/42, на коментарот на премиерот Зоран Заев дали ќе се преиспита дозволата за хидроцентрала на Лешица

Од Фронт 21/42, со директно писмо до премиерот, бараат итна заштита на Националниот парк Маврово и идниот Национален парк Шар Планина, а од аспект на градењето мали хидроцентрали.

Да донесете Одлука за итно стопирање на сите планирани хидроцентрали на територијата на Националниот Парк Маврово, Одлука за стопирање на сите планирани хидроцентрали на територијата на Шар Планина, Одлука за стопирање на сите планови за мали хидроцентрали се додека не се изработи и усвои документ со катастарски локации за изградба на мали хидроцентрали и да ја воведете Забраната за изградба на мали хидроцентрали во сите заштитени подрачја, која се наведува во Програмата на Вашата Влада, токму во делот „Заштита на животната средина“, му пишуваат од Фронт 21/42 на Заев.