Домашната компанија Индустри сервис денеска почна со реализација на новата инвестиција од околу 1,5 милиони евра која ќе отвори 100 нови работни места. Почетокот на изградбата на новиот производствен капацитет лоциран во скопската населба Маџари, општина Гази Баба, го означија вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, вицепремиерот и министер за внатрешни работи  Оливер Спасовски, градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов и градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски.

Според вицепремиерот Анѓушев оваа нова инвестиција на компанија која е специјализирана за производство на храна за потребите на големи индустриски капацитети е уште еден доказ за процесот на индустријализација што се одвива во  Република Македонија. Тој дополни дека овој тип на компании се многу важни во индустријата, бидејќи според податоците од Светската организација на трудот, компаниите кои имаат организирана исхрана ја зголемуваат својата продуктивност дури до 20 проценти.

 Станува збор за семејна компанија, која започнала како мала, а во текот на годините се проширувала. Факт е дека во многу земји индустријата се заснива на семејни компании, а добар пример за тоа е Германија, каде 70 отсто од компаниите се семејни, со долга традиција и кои се развивале со паметен менаџмент“, потенцираше Анѓушев.

Анѓушев подвлече дека во јули 2018 година, забележан е пораст на индустриското производство од над осум отсто, просечната плата во истиот месец е за над шест отсто повисока од истиот месец лани, додека извозот од Република Македонија бележи раст од 14,1 проценти, што покажува дека индустријата бележи значителен прогрес.

 Задачата на Владата да ги поддржи компаните во нивниот развој. Компанијата Индустри сервис е корисник на проектот Странски експерти за домашни компании и токму во декември странски експерт ќе помогне со реализација на новата инвестиција. Оваа компанија аплицираше за користење на мерките од третиот столб, кој се спроведува преку ФИТР, нивната апликација е позитивно оценета и се очекува да биде поддржана во вториот бран, дополни Анѓушев.

 

Сопственикот на Индустри сервис, Драган Смилковски рече дека во моментов компанијата вработува преку 150 лица, додека во новиот објект ќе се инвестираат околу 1,5  милиони евра, а планирани се до 100 нови работни места.

Тој рече дека компанијата соработува со големи индустриски капацитети приштo дневно произведуваат околу 9.000 оброци, односно над два милиони оброци годишно, а со новиот капацитет производството двојно се зголемува.

 Локацијата на која ќе се гради објектот е на парцелата од 2.650 метри квадратни, додека вкупната градежна развиена површина изнесува 1.800 метри квадратни. Новиот проект ќе има капацитет за подготовка и служење на 9.000 оброци на дневна основа, односно преку 2.000.000 оброци годишно. Овој објект за подготовка на храна ќе претставува најголем и најсовремен угостителски капацитет од овој тип во Република Македонија“, рече Смилковски.