Владата на СДСМ и ДУИ на Македонија и го приреди најголемото понижување и срам на меѓународните финансиски пазари. Откажана е еврообврзницата на износ од 600 милиони евра со причина која е неразбирлива за финансискиот свет. Во исто време Владата на СДСМ и ДУИ им покажува на инвеститорите колку се несериозни и на тој начин Македонија го зголемува својот репутациски ризик за сега и за во иднина, рече на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска.

Целата ситуација може да се гледа од две страни. Првата, зошто министерот за правда не ги потпишал документите поради кои се откажа еврообврзницата. Дали тој има некакви информации дека парите ќе бидат злоупотребени или пак причината е лична одмазда заради неговата промена? Или е нешто трето? Од друга страна зошто владата дозволи да се издаде еврообврзница во период кога се спремале промени на министри. Ова јасно покажува дека желбата да се задржи власта е огромна, па дури и по цена да се уништи државата. Сега разговараат за нови министри, нови коалициони партнери ама без пари ја оставија државата и во исто време и ја уништија иднината. Сега таа иднина е многу понеизвесна, и ќе не чини многу поскапо. Ова се сериозни работи кои што ги работат аматери, непознавачи на проблематиката. И не е прв пат да се срамиме пред меѓународните финансиски институции. Еднаш кога ги пишуваа оние познати писма во кои велеа дека сме презадолжени и денес кога навистина сме презадолжени и кога треба инвеститорите да имаат поголема доверба во владата тие повторно прават грешка која скапо ќе не чини. Два пати на штета на граѓаните. Следното издавање на еврообврзница веќе е многу ризично како од аспект на тоа дали ќе има интерес после ваквото промашување и доколку го има која ќе биде цената која ќе ја платиме, а секако ќе биде повисока отколку денес. Затоа што со ваквото однесување Владата испрати сигнали за нестабилност, неизвесност, а тоа ќе резултира со повисоки каматни стапки. И она што е клучно, кој е одговорен за сето ова? Издавањето на еврообврзница е премногу скапа работа за Македонија. Ангажирани беа четири меѓународни финансиски институции кои наплаќаат високи провизии. Провизиите ќе бидат наплатени иако постапката не е завршена до крај. За повторување на истата постапка повторно ќе се плаќаат огромни провизии. Дали е тоа целта? Немаме за лекови ама ќе покриваме трошоци заради неодговорни и незрели политички одлуки – истакна Димитриеска Кочоска.

СДСМ и ДУИ го срушија меѓународниот углед на Македонија пред странските инвеститори. Нешто што се гради макотрпно и со години, се сруши за еден миг. После ова Владата треба да си поднесе оставка веднаш, додаде таа.