Најголемата криза во Македонија е што СДСМ е на власт. СДСМ и ДУИ направија во Македонија да има поголема криза отколку што е кризата било каде на друго место во Европа и во светот, рече Гордана Ч, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата во рамки на кампањата важно! Од Тебе зависат промените што се одржува во Неготино.

Власта не знае што прави, оцени потпретседателката и додаде дека немаат идеи и оти ние имаме поголема инфлација од било каде во регионот. Таа објасни како стигнавме до тука.

„Постојано  зборуваме  за инфлацијата , а они многу често ја врзуваат со кризите. Меѓутоа во уште во мај 2021 година кога никој не зборуваше за инфлација јас имав текст во кој кажав дека веќе почнува да расте инфлацијата во Македонија и тоа беше период кога инфлацијата во Македонија беше повисока од онаа во ЕУ и беше знак дека нешто се случува’, кажа Кочоска.

Кочоска се осврна прво на законот за минимална плата каде како што рече минималната плата не ја пратеше продуктивноста.

„Легитимно е секоја влада да носи мерки, за поздравување е да се зголеми минималната плата, но знаеме дека мора да ја следи продуктивноста. Во 2019 година донесоа еден закон со кој придонесите на приватниот сектор ги субвенционираа нешто што потоа го укинаа и сега наместо паралелно со законот за зголемување на минимална плата требаше да внимаваат на продуктивноста на компаниите или требаше и мерки да му помогнат на секторот да ја зголеми продуктивноста, ама ги немаше. Така овој пораст на плати се прелеа на крајните цени“, кажа Кочоска.

Според неа и во земјоделието откако се на власт, субвенционирањето или го намалуваат или е на исто ниво.

„И така ќе видите дека помошта што ја добиваат од година во година е помала и од статистика ќе видите дека од година во година увозот на земјоделските производи расте, има се помало производство на млеко,  пченица и ако ова не беше знак не знам што повеќе требаше само соодветно да реагираат“, кажа таа.

Кочоска укажа и дека зборуваа за прогресивно оданочување, за сузбивање на сива економија па додаде дека донесоа мерка или дефиниција дека не може да има плаќање во готово повеќе од 500 евра.

„Па и тоа го сменија и во суштина во континуитет го менуваа начинот на однесување што создаваше една непредвидливост кај приватниот сектор и сето ова ги менуваше очекувањата и тој сектор почна полека да ги  зголемува своите цени на финалните производи“, кажа Кочоска.

Според неа ова е првата фаза кога влеговме во висока инфлација. Таа укажа дека клучно е и тоа што цената на електричната  енергија расте, а расте зошто ЕСМ го проби дното во најмало годишно производство на електрична енергија.

„И кога во се се намалува производство почнавме рано да одиме кон растење на инфлација. И потоа се почна со задоцнети мерки, потоа почна војната во Украина“, кажа таа.

Вториот момент, додаде Кочоска, кој исто беше задоцнет и непредвидлив е тоа што ја замрзнаа трговската маржа.

„А кога ќе ги прашате што значи, никој нема да ви каже, сложена проблематика е. Кога видоа дека тоа не функционира почна да замрзнуваат цени, а кога ќе ги одмрзнат почнуваат многу да растат. И ако ги видиме бројките на инфлација за 2022 јули, август и како растела во однос на просекот во 2021, тој просек ќе ви каже дека јули 2022 сме имале пораст на инфлација или 23,4 проценти, во август 27 проценти. И ова е исклучиво на храна и се гледа дека мерките не дале резултат, ама пак го прават истото замрзнуваат цени“, заклучи таа.

Оттука, кажа Кочоска, бизнис секторот ништо добро не очекува од Владата и тоа го вметнува во крајните цени.

„Не може секој ден да им менувате мерки, менувате ДДВ, носите прогресивен данок и слично, а од друга страна им растат и каматите на кредитите значи фирмите имаа само непредвидлива околина.. Притоа повеќе од 80 посто од платата граѓаните ја трошат на храна“, кажа Кочоска.