Владата денес ќе се задолжува за нови 61,7 милиони евра. Министерството за финансии понуди 12 –месечни државни записи во вкупна вредност од 18 милиони евра со камата од 0.7%, како и 15-годишни државни обврзници во износ од 44 милиони евра со камата од 3,1%. Владата уште еднаш ќе се задолжи на 24 септември, а месецов ќе врати многу помала сума или 47 милиони евра.
Од финансии велат дека аукцијата на државни хартии од вредност наместо на 10-ти септември се одложила за денеска, со половина од парите ќе се покривале достасани долгови, а другата половина била за буџетски потреби. Сепак, од министерството не соопштија детално каде точно ќе завршат овие пари.
„Во согласност со календарот за емисија на ДХВ за вториот семестар од 2019, за месец септември беа испланирани две аукции, од кои првата на 10ти септември, а втората на 24ти септември, со цел рефинансирање на долг по основ на претходно издадени ДХВ во вкупен износ од 2,87 милијарди денари и редовно финансирање на буџетските потреби согласно Буџетот за 2019 година и согласно Одлуката за утврдување на максималниот износ на ново задолжување преку ДХВ за 2019 година. Од административно-технички причини аукцијата на 10ти септември не беше одржана, поради што Министерството закажа вонредна аукција на ДХВ за 17ти септември, согласно член 43 од Правилникот за ДХВ, со цел обезбедување на балансирано финансирање и управување со готовинските текови“, велат од министерство за финансии.
Инаку Владата ветуваше дека ќе ги намали задолжувањата, но наспроти тоа континуирано ги зголемува, што според економистите е лошо. Поради тоа експертската јавност предупредува и на јавниот долг кој ја надмина психолошката граница и достигна над 50 отсто од БДП.
Со новата фискална стратегија, Владата си овозможи да го зголеми јавниот долг на 51,7% од БДП до крајот на годинава, а догодина да порасне на 52,3% од БДП.
Во последните извештаи, Европската Комисија и Светска банка и препорачаа на Владата да ги консолидира финансиите, да внимава како ги троши јавните пари и да ги реализира капиталните инвестиции.
Вкупното задолжување на Владата само за првите 5 месеци од годината изнесува огромни 287,4 милиони евра.
Comments are closed for this post.