Сите заинтересирани најдоцна до 9 ноември до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ги достават забелешките што ги имаат за постоечките Правила за снабдување со топлинска енергија, а Регулаторот има обврска до 5 февруари идната година да ги донесе новите правила за снабдување со топлинска енергија што ќе се применуваат во Скопје.

Ова е договорено на денешната средба во РКЕ со претставници од здружението на исклучени граѓани од системот за централно греење во Скопје „Но пасаран“ и Балкан енерџи груп (БЕГ) на која беше формирана Работна група која ќе работи на новите правила за снабдување со топлинска енергија.

 На денешниот состанок ги договоривме принципите на работа на Работната група и се договоривме дека во изработката на новите правила на снабдување ќе бидат поканети да присуствуваат и Регулаторната комисија за домување, Организацијата на потрошувачи на Македонија, како и врвни  експерти во делот на термодинамиката со цел да ги расчистиме сите прашања кои доведоа до конфликтот помеѓу Но пасаран, РКЕ и БЕГ. Врз основа на забелешките што ќе приостигнат до РКЕ ќе организираме повеќе состаноци во краток период за да оцениме каква е реалната и фактичката состојба, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски по средбата.

Тој посочи дека приходите кои доаѓаат по основ на наплата на фиксниот  надомест за топлинска енергија, што го плаќаат сите корисници без разлика дали ја користат услгата или се исклучени од системот, изнесува околу 70 милиони денари на годишно ниво.

 Ќе направиме анализа какво влијание би имало врз цената што ја плаќаат приклучените на системот доколку дојде до промена на фиксниот надомест, но верувам дека ќе најдеме заедничко компромисно решение со цел ова прашање да го затвориме и решиме. Во предвид ќе ги земеме и искуствата од соседните и од развиените земји како се регулира таму прашањето со исклучените корисници и можноста или неможноста за исклучување од системот. Ќе вклучиме и експерти од областа на термодинамиката за да кажат дали се предава или не се предава топлина од вклучените на исклучените корисници и да донесеме правила во кои сите инволвирани страни би биле порелаксирани и позадоволни, рече Бислимовски и додаде дека во принцип секој треба да плаќа за услугата што ја добил.

Во Скопје во моментов има околу 12.000 корисници кои се исклучени и околу 50.000 кои се вклучени на системот за парно греење. Сите имаат обврска да го плаќаат фиксниот надоместок. Процентот на наплата на фиксниот надоместок, според податоците од БЕГ снабдување, се движи од 80 до 85 отсто.