Да се решат инфраструктурните проблеми, да се  олеснат  административните бариери за подобар бизнис и проток на стоки и луѓе. Ова  го побараа бизнисмените од Македонија и Бугарија на  бизнис форумот на македонски и бугарски компании насловен „МК-БГ 2019“ што денеска се одржа  во Скопје.

Бариери за бизнисот постојат, иако расте трговската размена меѓу двете земји. Пругата до Бугарија се гради, но воз од Скопје до Софија ќе има дури до 2027 година.

Вицепремиерот Анѓушев на  бизнисмените им порача дека во наредниот период ќе се интензивира изградбата на експресниот пат од Куманово до границата со Бугарија, како и изградбата на првата фаза од железницата кон Бугарија на делот од Куманово до Бељаковце. Веќе се тендерира втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка во вредност од 147 милиони евра за која е добиен и грант од 68 милиони евра, а проектирана е и третата делница од Крива Паланка до Ѓуешево во вредност од 350 до 400 милиони евра за која е обезбеден ист грант од 68 милиони евра преку Вест Балкан инвестмен фондот.
На денешната средба  присуствуваше и потпретседателот на Советот на Министри на Република Бугарија, Томислав Дончев . Тој за бугарскиот дел од железницата кон Македонија посочи дека во моментов се проектира трасата од бугарска страна и се изготвува детален технички проект.

Бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев изјави дека отворањето заеднички граничен премин меѓу Македонија и Бугарија може да се случи за неколку месеци.

За отворање заеднички граничен премин неопходно е да одлучиме на чија територија ќе биде сместена екипата за влегување и за излегување и треба организациски да се подготвиме. Станува збор за неколку месеци, рече Дончев

Вкупната трговска размена меѓу Македонија и Бугарија минатата година изнесуваше 695,2 милиони долари што е раст за 16,9 проценти во споредба со 2017 година.