Градежниците бараат откочување на постапките со деталните урбанистички планови во скопските општини Карпош и Центар, а во тендерите да се вметне клаузила со која ќе се бара од странските инвеститори што градат да набавуваат градежни материјали од земјава и да соработуваат со домашни подизведувачи.

Овие барања тие денеска му ги предочија на министерот на транспорт и врски Горан Сугарески на средба во Сојузот на стопански комори.

Градежништвото трпи во делот на укинати ДУП-ови, во делот на мораториум и неажурно издавање на документација. Тука е главниот проблем што треба да се детектира за да може да почнеме со активно работење во секторот градежништво. Во секторот нискоградба има придвижување и се отпочнати проекти и наш став е дека ќе има сериозно придвижување особено во февруари – март. Но, во секторот високоградба има сериозен проблем и мора во најкраток можен рок да се изнајде решение за да отпочнеме со работа затоа што како градежни инвеститори во високоградба имаме сериозни проблеми, истакна претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори Ивица Јаќимовски.

Според Јаќимоски, годината што изминува била црна година за градежништвото.

Министерот Сугарески образложи дека од општина Центар, каде ДУП-овите се под мораториум, е добиено ветување оти во најкус можен рок ќе бидат отстранети сите недоследности и оти тие ќе бидат ставени во употреба, додека од општина Карпош, каде се укинати дел од урбанистичките планови, ќе се сугерира до општината побрзо да ги изработи.

 Станува збор за одлука на Уставен суд. Минатиот период имав средба со градоначалникот на општина Карпош и разговаравме дека треба да работат на брза изработка на планови бидејќи Уставниот суд ја оценува уставноста и законитоста на правните акти и против тоа ние ништо не можеме, освен да и сугерираме на општината побрзо да ги изработи урбанистичките планови бидејќи тие планови се укинати, појасни Сугарески.

Најави дека до крајот на годината во владина процедура ќе влезе Законот за просторно и урбанистичко планирање кој е во завршна фаза, додека за Законот за градење е изготвен нацрт-текст што ќе им биде доставен на разгледување на коморите и сите засегнати страни.