Нови четири милиони евра се достапни од ЕБОР наменети за инвестиции во зелена енергија. Средствата ќе се пласираат преку Охридска банка АД Скопје, а ќе поддржуваат подобрување на енергетската ефикасност на резиденцијалните згради, ќе помогнат во намалување на гасовите кои создаваат ефект на стаклена градина и ќе го подобрат квалитетот на живеење на сопствениците на домаќинствата.

Финансирањето е од Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ), а средствата ќе бидат понатаму позајмени за поддршка на инвестициите на домаќинствата во зелени технологии, материјали и мерки како што се бојлери, прозорци и осветлување.

Во соопштението се оценува зградите во земјата имаат итна потреба од реновирање и поставување изолација, што ќе ги намали трошоците за потрошувачка на енергијата и ќе ја зголеми удобноста.

Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ) во Северна Македонија е дел од Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ) за Балканот во износ од 85 милиони евра, лансирана во 2017 година. Програмата е заедничка инцијатива на Европската Унија (ЕУ), Министерство за финансии на Австрија и земјите кориснички на фондовите од Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ). Имплементацијата е под Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан (РПЕЕ ЗБ плус), финансирана од ЕУ и имплементирана во партнерство со Секретаријатот за енергетска заедница. ППЕЕ ЗБ Плус има донесено политика за поддршка на хармонизацијата на законите за енергетска ефикасност и регулативите за енергетска ефикасносот за зградите, согласно релевантните Европски директиви.

ЕБОР до сега има инвестирано над 1,9 милијарди евра во над 110 проекти во земјата.

Поддршката на зелената енергија е приоритет на Банката, бидејќи е еден од најактуелните предизвици со кои се соочува земјата. Главниот град на Северна Македонија, Скопје неодамна се приклучи на иницијативата ЕБОР Зелени градови, стои во соопштението.