Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска оценува дека банкарскиот систем на нашата земја е отпорен на потенцијалните шокови, меѓу коишто се и можните ефекти врз економијата од ширењето на вирусот Ковид-19 на глобално ниво.

– Билансите на банкарскиот систем упатуваат на здрави фундаменти. Во 2008 година, кога глобалната економија се соочи со криза, адекватноста на капиталот на нашите банки беше пониска отколку сега – тогаш изнесуваше околу 16 проценти, а сега е 17 проценти, што претставува простор за справување со евентуални шокови. Ликвидноста, исто така, сега е повисока отколку во преткризниот период во 2008 година, а многу е важно што и профитабилноста на банкарскиот систем е на солидно ниво, бидејќи ако има потреба за докапитализација заради поддршка на кредитната активност, банките имаат интерен потенцијал да ја обезбедат – изјави Ангеловска-Бежоска, во синоќешното издание на емисијата „Економски магазин“ на телевизијата Алсат-М, во коешто акцентот беше ставен на можните ефекти од ширењето на корона вирусот врз економијата.

Ангеловска-Бежоска посочи и дека, сега, квалитетот на активата на банкарскиот систем е многу подобар отколку во периодот пред последната глобална економска криза, што јасно се согледува преку пониското учество на нефункционалните во вкупните кредити. Како што кажа таа, тоа се движи околу 4,8 проценти со што на регионално ниво, во споредба со другите економии, е и едно од најниските учества на нефункционалните во вкупните кредити.

Сето ова, како што кажа гувернерката, претставува илустративен показател дека банкарскиот систем на нашата земја е отпорен на потенцијалните шокови, меѓу коишто се и можните ефекти врз економијата од ширењето на вирусот ковид-19 на глобално ниво.

Ангеловска-Бежоска подетално се осврна и на можните ефекти на ширењето на вирусот врз глобалната економија, пред сѐ, заради значењето коешто го има кинеската економија за глобалните економски движења.