Крешник Бектеши, министерот за економија, денеска ги демантираше гласините во јавноста дека Нова Година ќе може да се прославува во казината и обложувалниците, кои можат да работат 24 часа, додека кафулињата, рестораните и гостилниците од 18 декември до 20 јануари ќе мора да затвораат во 18.00 часот.
Министерот појасни дека иако казината, обложувалниците и автомат-клубовите не се ограничени со работното време, тие нема да можат да служат пијалоци и храна по 18.00 часот. Новинарското прашање до Бектеши следуваше откако голем број на револтирани граѓани реагираа на социјалните мрежи за нефер однос и третман.
Не го знам бројот на казината, обложувалниците и автомат-клубовите кои даваат и угостителски услуги, но правилото важи секаде каде што се служи храна и пијалоци и таму треба да се почитуваат мерките, рече тој.
Владата синоќа донесе измени и дополнувања на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита од КОВИД-19, според кои се ограничува работата на угостителските објекти наместо до 21 часот да биде до 18 часот, освен за угостителските објекти кои остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн нарачки, телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд/пулт).
Comments are closed for this post.