Не смее да се дозволи политичките спорови да влијаат врз бизнисот во Западен Балкан. Регионалната економска соработка е неопходна за да можат компаниите од Западен Балкан да бидат поконкурентни на пазарот и да се приближат кон Европската Унија. Бизнисот е клучот за решавање на проблемите на Балканот.

Таква порака упатија претставниците на Коморскиот инвестициски форум, на панелот „Западен Балкан – Регионална економска област“, што се одржува во рамки на Копаоник бизнис форумот, соопшти Стопанската комора на Македонија.

 За да се елиминираат сите недостатоци кои се јавуваат во трговијата, сега е вистинското време да се повлечат мудри потези поткрепени со силна поддршка од Европската Унија и од другите релевантни меѓународни чинители во насока на интензивирање на регионалната интеграција и трговска соработка, со што ќе се обезбеди економски просперитет за сите земји, рекол претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, кој ја предводи десетчлената македонска делегација на Копаоник бизнис форумот.

На Копаоник бизнис форумот,  манифестација позната и како Балкански Давос, се присутни над 1.500 учесници, вклучувајќи истакнати професори, државни претставници, членови на дипломатскиот кор, стопанственици, домашни и странски инвеститори, како и претставници на меѓународни финансиски организации. Централна тема на форумот е „Како до поголем економски раст во земјите од Западен Балкан?“.

Азески истакнал дека се неопходни политички консензус и волја кај сите чинители во регионот за придвижување на овој процес, како и директна поддршка од Европската Унија, која е вклучена во интеграцискиот процес и го гледа регионот како просперитетен иден политички и економски партнер на Унијата. Одложувањето на што и да било за бизнисот е директна финансиска штета па макар и заеднички седници на владите. Бизнисот е „алергичен“ на тој збор. ЦЕФТА-Договорот е најголемо регионално промашување, a нетарифните бариери – најголем срам за нас. Ајде да покажеме дека можеме и поинаку и подобро, истакнал Азески.

Тој се осврна на потребата од справување со корупцијата и посочи дека наодите од истражувањата покажуваат дека таа останува доста застапена во многу области и продолжува да биде сериозен проблем и кочничар на економскиот раст. – Сигурно дека дигитализацијата на јавната администрација е еден од клучните процеси кои ќе влијаат на ефикасноста и професионалноста на јавната администрација, а со тоа и на намалувањето на корупцијата, но потребни се радикални и усогласени заеднички чекори на овој план заради решавање на овој, ако можам да го наречам, голем регионален проблем,  рекол Азески.

Според него, иако поминаа речиси 12 години од склучувањето на ЦЕФТА-Договорот, земјите од регионот не ја искористија можноста регионално да се поврзат и да соработуваат, по примерот на земјите од Европската Унија.

Нема никакви дилеми дека единствен извор за одржлив и инклузивен раст на земјите од Западен Балкан кој ќе ги приближи кон земјите од ЕУ е токму интензивирањето на регионалната економска интеграција и зголемувањето на трговската соработка во рамки на регионот. Земјите од Западен Балкан како мали економии можат да ја подобрат алокацијата на ресурсите и да ја зголемат својата продуктивност единствено преку искористување на економијата од обем со поголема регионална и меѓународна интеграција. Тие можат да ја подобрат својата позиција на глобалните пазари само ако соработуваат со други поразвиени земји, обезбедувајќи на тој начин трансфер на технологија и знаење што ќе им овозможи да се вклучат во нивните синџири на снабдување преку производство и извоз на производи со повисок степен на финализација и додадена вредност, рекол Азески.