Со новиот трет анекс на договорот со изведувачот на градежните работи кинески „Синохидро”, што го усвои денеска на седница Владата по едногодишни преговори, се утврдени дополнителните финансии со кои на терен се најавува интензивирање на градежните работи за автопатот Кичево – Охрид во должина од 57 километри.

По една година домаќински преговори успеавме да направиме заштеди од 95 милиони евра. Ако се продолжеше со реализација на договорот по старите цени дополнителните работи би чинеа 282 милиони евра, а со новите сега тој износ е 187 милиони евра, рече на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев потенцирајќи дека проектот е доведен во исправна состојба.

Дополнителните 187 милиони евра, откако анексот ќе биде усвоен од Собранието, ќе се обезбедат со кредит од кинеската Ексим банка.

Со новиот анекс „Синохидро“ се согласува да изгради клучки кои претходно не биле предвидени.

Исто така, изведувачот ќе ги изведе и сите дополнителни работи во тунелот Пресека, сите пропусти за вода на целата траса, како и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштето на целата траса. Откако овој aнекс ќе влезе во сила, изведувачот има рок од 28 дена да изготви детална програма за работа според реалните услови на терен согласно со договорените позиции. Година и половина водевме тешки макотрпни преговори со изведувачот за да овозможиме пониски цени и заштеди. Свесни сме дека дел од граѓаните ќе негодуваат за повторното задолжување на државата за доизградба на автопатот, но не постои друго рационално решение. Штетите се направени од претходната Влада, а ние моравме да преговараме со врзани раце.  “, , рече министерот за транспорт Горан Сугарески.

Автопатот се очекува да биде пуштен во употреба кон средината на 2021 година.