Во изминатите недели, преку повеќе објави се бара одговорност за „Еуростандард банка“, а со тоа е присутно и прашањето кои се причинителите за состојбата во којашто Банката се нашла за да дојде до нејзино затворање. Но, дискусии за ова прашање се водеа и претходно, со изјаснување и на експерти и познавачи на проблематиката.

Прашањето се отвори и на Надзорната расправа во Собранието. Академик Абдулменаф Беџети, којшто има долгогодишно искуство во банкарскиот сектор, во својот исказ директно посочи на генезата на проблемите во „Еуростандард“.

Моите анализи, опсервации, сознанија кои се малку дури и подлабоки од самата природа на академскиот интерес сметам дека ми покажува дека генезата на тешкотиите во Еуростандард банка се токму поради несоодветното корпоративно управување. Имено, Надзорниот одбор на Банката не водел благовремена и соодветна грижа за перманентно влошување на кредитното портфолио и кредитниот ризик на Банката и тоа неколку години наназад, истакна Беџети.

На Надзорната, тој посочи дека е невозможно да се подразбира дека главниот акционер или претседателот на Одборот да немал информации во однос на перманентното влошување на кредитното портфолио на Банката.

На еден или на друг начин, акционерот денес тоа го призна. Но, ова не ја амнестира целата ситуација. Може да констатирате дека сте направиле пропусти, но тие не се од една природа што немаат консенквенции, тие се многу големи уште повеќе што хиеархијата на органите на Советот за кредитирање за секоја одредена ситуација известува до Одборот. Некои извештаи овој борд ги прифаќа некои не.“ – кажа Беџети во Собранието.

Тој појасни дека кога кредити надминуваат одреден износ, бездруго треба да се информира и да се бара дозвола од Надзорниот одбор и дека не е можно акционерот да не знаел што се случува во Банката.

Беџети, одговарајќи на пратеничко прашање посочи и дека мерка за воведување администрација не била соодветна за „Еуростандард“.

Обична администрација, или принудна управа познато како што велиме ние се воведува во случај кога има директни потешкотии во делот на управување на банката во смисла на тековно лошо управување, а не во смисла на недостаток на капитал – појасни тој.

Ваквото мислење, изминативе месеци го сподели и експертската јавност, а децидни беа и од Меѓународниот монетарен фонд, од каде што застанаа зад постапувањето на Народната банка.