Министерството за економија објави јавен повик за кофинансирање трошоци за занаетчиите.

Предмет на јавниот повик е кофинансирање трошоци на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, државјани на Република Северна Македонија, преку кофинансирање до 60 % од докажаните трошоци, но не повеќе од 60.000 денари направени за набавка на алати и репроматеријали.

Во согласност со Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво на Министерството за економија, за оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 20.000.000 денари. Во согласност со јавниот повик, со оваа мерка ќе бидат кофинансирани докажаните трошоци за набавки направени во 2020 година.

Право на учество на овој јавен повик имаат занаетчии и вршители на занаетчиска дејност кои се регистрирани во согласност со Законот за занаетчиството и ги исполнуваат следните услови: да имаат деловно седиште на територијата на Република Северна Македонија, да имаат најмногу 5 (пет) вработени на неопределено работно време, да имаат намирени обврски кон државата и вработените. Еден апликант може да користи субвенција само еднаш по овој јавен повик.

Разгледувањето и изборот на апликантите што ги исполнуваат условите утврдени во јавниот повик, ќе се прави по принципот прв дојден, прв услужен, односно по редослед на поднесување и пристигнување на апликациите во архивата на Министерството сѐ до исцрпување на предвидените средства.

Крајниот рок за аплицирање по овој јавен повик е до 27.11.2020 година до 14 часот.