Дали премиерот Зоран Заев на собраниската седница за промена на Уставот најави амнестија за настаните на 27 април?

Ова е основното прашање по неговиот настап во кој меѓу другото рече да тргнеме од 27 април и да се простиме и помириме.

Испраќам порака за простување и подготвен сум да простам.  Да си подадеме рака, нема друг начин народот да се помири ако политичарите, пратениците во Парламентот, не си простат, рече тој.

Но, дали тоа е само негова порака или, пак, станува збор за нешто договорено со опозицијата, останува да се види.

Образложувајќи го предлогот премиерот Зоран Заев потенцираше дека сега најголемата одговорност за иднината на земјата е во рацете на пратениците. Ги повика сите да гласаат по сопствена волја, особено оние што се двоумат, да размислат како ќе гласаат.

Погледнете во иднината, во иднината на вашите деца, рече премиерот, додавајаќи дека волјата на граѓаните е државата да оди напред, рече премиерот.

Другиот избор, според него, ќе не фрли во изолација, и ќе ни ги врати назад политичките трауми што ги проживеавме во последните 27 години, а особено последните неколку години.

Гласот за европската иднина на нашата земја ќе не однесе напред во полноправно членство во НАТО и во ЕУ.

Треба да одлучите дали многу ќе добиеме или многу ќе изгубиме, рече Заев.