Амбасадите на Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство во Приштина ги повикаа денеска властите во Косово и Србија да ги обноват преговорите, кои беа прекинати по воведувањето на таксата од 100 отсто на српскиот увоз во Косово, во ноември минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Амбасадите на петте највлијателни држави акредитирани во Косово, познати како „Група Квинт“, преку заедничко соопштение објавено од страна на американската амбасада, ги повикаа Приштина и Белград да ги избегнат дејствијата кои би го попречиле постигнувањето конечен договор, кој, како што се наведува, „е неопходен за нивна поголема евроатлантска интеграција и за придобивките од тоа“.
Дипломатските претставништва ја нагласуваат готовноста на нивните земји да ги зајакнат напорите во поддршка на процесот на Европската унија, која посредува во преговорите меѓу Косово и Србија.
– За Косово ова подразбира укинување на таксата воведена кон Србија. За Србија, ова значи прекинување на кампањата за повлекување на признавањата на косовската независност, се заклучува во заедничката декларација на петте западни амбасади.
Comments are closed for this post.