Дебрани синоќа имаа ретко убава можност во својот град да го проследат настапот на две познати сопранистки.
Пред нив со повеќе арии, како и преработени албански песни, настапија светски познатата оперска дива, сопранот Инва Мула и нејзината колешка сопранистката Дешира Ахмети-Крлиу, како и виртуозот на виолина Олен Цезари. Придружувани беа од оркестарот на Академијата за уметности од Тирана, под диригентска палка на Исак Шеху.
Концертот се одржа во центарот на градот,на плоштадот „Скендербег“, а многубројната публика ги награди со бурен аплауз.
Посебно емотивен беше настапот на Дешира Ахмети-Крлиу, која е родена и израсната во Дебар, а сега живее во САД.
Двете оперски диви претходно имаа срдечна средба со градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.
Соработка со луѓе кои го сакаат Дебар, донесува очекувани позитивни резултати. Заедно за еден Дебар каков што посакуваат сите, напиша Дука на Фејсбук, објавувајќи и фотографија од средбата.
Инаку, Мула и Ахмети-Крлиу заедно со тенорот Ѓорѓи Цуцковски настапија на годинешното „Охридско лето“.
Овој, како и претходно одржаниот „музички маратон“ се реализирани со подршка на татковинското друштво „Дибра“ на дебрани во САД.
Comments are closed for this post.