Кога ги одбележуваме двата Илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите Илинденци, сакам од ова место да се заблагодарам на сите граѓани на Република Северна Македонија за нивната истрајност, за нивната лојалност и за одговорното пренесување на аманетот на Илинденците, впрочем, вие само го потврдувате тоа што го велите и слоганот за овој 2 Август – „Сите сме деца на Илинден“ рече претседателот на Собранието Талат Џафери во своето обраќање по повод Денот на Републиката во Пелинце.
Имаме, истакна тој, една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија.
„Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани“, рече Џафери.
„Сите сме деца на Илинден“, дополни тој, е вистински концепт што ги опишува заедничките вредности кои сите ги славиме, ги празнуваме, тоа се вредности кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава. Нашата држава, како што рече, е „спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите кои што живееле и биле дел од ова поднебје“.
„Полни 28 години самостојна, суверена, слободна држава. Секоја година со нови предизвици, со многу премрежија и нови кризи. Не беше едноставно, но сепак, сите заедно успеавме да ги надминеме и да чекориме напред кон остварувањето на нашите стратешки цели. Нашето патешествие не одеше секогаш паралелно со нашите амбиции и желби. Секако дека клучната улога ја имаа и секогаш ја имаат тие во чии раце е доверена државата, нејзиниот напредок и развој, нејзината безбедност и сигурност. При тоа мислам на сите, и власт и опозиција, затоа што сите добиле дел од легитимитетот и се разбира и одговорноста што ја дава највисокиот суверен – народот“, рече Џафери.
Посочи дека од нас, од нашата визија и мудрост зависи колку ќе ја оправдаме таа скапоцена доверба, колку ќе ги исполниме ветувањата и заложбите дадени пред нив.
„Сите ние сме подеднакво одговорни и за подемот и за застојот на тој пат. Иако почнавме многу амбициозно, со очите на меѓународната јавност вперени во нас како кон земја која меѓу првите во регионот доби кандидатски статус, процесот се уште не е заокружен и ние цела една декада броевме во мест“о, додаде Џафери.
Тој истакна дека минативе две и пол години се можеби најжешките години во историјата на земјава, во однос на временските прилики.
„Ова беше период на донесување на тешки меѓутоа државнички одлуки кои го деблокираа нашиот пат кон Евроатланската интеграција и во кој политички созреваа и граѓаните и државата. Се вративме на брзата пруга за евроатланска интеграција и се посветивме на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи. Имавме интензивна дипломатија и активна партиципација на институциите на државата на регионалните и светските меѓународни настани, активно учествувавме и продолжуваме да учествуваме во мировните мисии на НАТО сојузот при што нашите претставници се рамо до рамо со претставниците на полноправните земји – членки и меѓу другото придонесуваме и во рушењето на предрасудите и стереотипите од типот Балканот е „буре барут“, рече Џафери.
Додаде дека членството во Европската Унија и НАТО, подразбира владеење на правото и правниот ред во државата без дискриминација, почитување на правата и слободите на сите граѓани подеднакво, без оглед на нивната етничка, верска, расна, политичка припадност и пол.
Членството, како што рече Џафери, ќе значи европски стандарди за достоинствен живот, конкурентни услови за работа и бизнис, можности за квалитетно образование и научни истражувања за младите ентузијасти и зрели професионалци.
Comments are closed for this post.