Изградбата на новиот Универзитетски клинички центар во Општина Ѓорче Петров ќе стартува на почетокот на следната година, ќе биде завршен за седум години, а целиот проект ќе чини 500 милиони евра, пари што ќе се обезбедат со кредит од комерцијалните банките „Ерсте груп“, „Рајфајзен банк“ и „Уникредит“, кои доставиле најдобра понуда, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче на средба со новинарите.
„Министерството за финансии испрати 18 барања до меѓународни инвестициски фондови и комерцијални банки“, рече Филипче, додавајќи дека шест одговориле, а е избрана понудата од банките „Ерсте груп“, Рајфајзен банк и „Уникредит“ како најповолна.
На прашање за условите под кои ќе се враќа кредитот, Филипче упати во Министерството за финансии, бидејќи не сака да шпекулира со бројки.
Посочи дека имотно – правните односи на местото каде што ќе се гради новиот клинички центар се расчистени, а земјиштето е целосно во државна сопственост, односно нема да има експопријација.
Министерот појасни дека изградбата на клиничкиот центар ќе се одвива во три фази и дека првата фаза би завршила по 3,5 години, а последната по седум години.
Според него, се планира најпрво да се префрлат хируршките клиники, операционите сали и ургентниот центар, а потоа и клиниките за гинекологија, за педијатрија и за онкологија.
Министерот рече дека на почетокот на август ќе започнат постапката со конкурентен дијалог, појаснувајќи дека тоа ќе значи дека во тендерската постапка ќе се вклучи и проектирањето, изградбата, опремувањето, ставањето во функцијата и тренингот на персоналот кој треба да работи во новиот објект.
„Во Министерството за здравство направивме тим кој веќе подолго време работи на анализа на законите. Ќе се оди според членот 53 на Законот за јавни набавки и ние сме подготвени тоа да го започнеме на почетокот на август“, рече Филипче и додаде дека физибилити студијата е готова и наскоро ќе биде ставена на јавен увид.
Клиничкиот центар, како што нагласи Филипче, е најважен капитален објект од значење за целата држава, што ќе има модерен начин на давање здравствена услуга, односно се ќе биде на едно место.
Министерот за здравство информира дека Владата на вчерашната седница го усвоила Предлогот за изменување на Уредбата за мрежата на здравствени установи, со што, се трга ограничувањето на отворање аптеки и специјалистички ординации кои можат да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување, согласно финансиските можности на фондот, а при тоа, се задржуваат критериумите за квалитет.
Целта, како што рече, е надминување на проблемот со недостигот на лекови, поради можноста што ќе им се даде на аптеките коишто досега немаа договор со Фондот за здравствено осигурување, да склучат таков договор. Воедно треба да се мотивираат младите лекари да отвораат свои специјалистички ординации, кои ќе имаат склучени договори со ФЗО, што досега не беше можно.
Comments are closed for this post.