Провладините сили, вклучително сојузниците во НАТО, убиле, во првата половина од 2019 година, повеќе цивили во војната во Авганистан отколку бунтовниците, покажуваат податоците на ОН, пренесува БиБиСи.
Досега незабележани бројки од јануари до јуни пристигнуваат во екот на американските воздушни напади врз талибанците.
Авганистанските и силите на НАТО убиле 717, а милитантите 531 цивил, објавија ОН.
Најновите податоци се објавуваат во време кога Вашингтон и талибанците продолжуваат со преговори околу повлекувањето на американската војска.
Во првите шест месеци од годинава, во воздушни напади, во поголемиот дел од американски авиони, убиени се 363 лица, меѓу кои 89 деца, наведува мисијата на ОН за помош на Авганистан.
Американската војска ги отфрли наводите на мисијата и тврди дека нивните податоци се поточни и дека силите во Авганистан „секогаш се обидуваат да избегнат нанесување штета врз цивилите“. Но, своите податоци за жртвите не ги објави.
Копнените судири и понатаму се водечка причина за страдањето на цивилите и на нив отпаѓа една третина од жртвите. Следуваат импровизираните направи и воздушните операции.
Сепак, ОН наведуваат дека се намалува вкупниот број на цивилни жртви. Во првите шест месеци од 2019 убиени и повредени се 3812 лица, најмалку уште од првата половина од 2012 година.
Comments are closed for this post.