Од летово почнува и практичната примена на заедничкото царинење меѓу Република Северна Македонија и Република Србија. Договорот е потпишан меѓу двете земји, а ќе го олесни и поминувањето на патниците, но и на транспортерите. Треба да стартува од први следниот месец.

Концептот на заеднички гранични контроли и гранични контроли со едно застанување (One-stop shop) значи поедноставени постапки, што се спроведуваат на еден заеднички граничен премин, при минимален број застанувања, по можност единствено застанување, преку кој контролата на патниците, стоката и нивните превозни средства се врши само еднаш на едно место. Со примена на концептот на заедничка контрола се постигнува поголема усогласеност и се олеснува преминувањето на патниците, стоките и превозните средства во патничкиот сообраќај, како и предметите што патниците ги носат со себе.

За патниците и транспортерите кои од Србија ќе се движат кон Северна Македонија граничната служба на Србија ќе спроведе излезна контрола на територијата на Северна Македонија на граничниот премин Табановце, додека контролата за оние кои патуваат од Северна Македонија кон Србија излезната контрола македонските гранични служби ќе ја спроведат на територијата на Србија, на граничниот премин Прешево.

Во граничните контроли претежно се вклучени органите што се одговорни за контрола на движењето на лица, стока и превозните средства, како и спроведување на царинските формалности со цел да се применат важечките прописи. Повремено, по потреба, се вклучуваат и други надлежни органи за спроведување други законски прописи од интерес и важност за државата и граѓаните, како што се во областа на јавното здравје.

Според надлежните во примената на овој концепт од исклучително значење претставува користењето на еден заеднички објект на граничниот премин каде што се вршат граничните формалности.

– Врз основа на постојни искуства што се применуваат низ светот, како и праксата што постои за ваков вид контроли, покрај тоа што го забрзуваат и го олеснуваат протокот на лица и стоки, имаат и позитивно влијание врз намалувањето на трошоците за преминување преку државната граница, сметаат од Царинската управа на Република Македонија.

Заедничкото царинење ќе овозможи повисок степен на хармонизација на граничните контроли и унапредена примена на концептот на интегрирано гранично управување, ќе се намали можноста за царински измами, поради непосредниот увид во комерцијалните документи што ја следат стоката, ќе се воведе контрола и вршење на граничните формалности од страна на сите надлежни органи за нивно спроведување, на две соседни држави, при единствено запирање, ќе се забрза протокот на патници, стока и превозни средства на граничните премини каде што ваквиот концепт е воведен и ќе се изврши заштеда на ресурси потребни за реализација на концептот.

Заедничкото царинење е и едно од барањата на транспортерите, кои сметаат дека со ова ќе се олесни процесот на транспортот и превозот на стоки.

– Она што за превозникот значи забрзување на движењето на возилата директно влијае и на сите правни субјекти што тргуваат со стоки и во увозната и во извозната постапка, а тоа се одразува и врз ефикасноста и врз нивните работи во државата. Со еден збор, ова значи  влијание што ќе има позитивен ефект врз целото стопанство на нашата држава, истакнуваат транспортерите.