Зијадин Села од Алијансата за Албанците објави неколку забелешки за владиниот предлог закон за Јавното обвинителство.
Тој истакна дека ќе се обидат да интервенираат амандмански во неколку главни области, меѓу кои и во тоа прислушуваните материјали да се користат како докази и во новото обвинителство што го наследува СЈО.
Понатаму, Алијансата за Албанците е децидна дека во Советот на јавни обвинители не смее да има партиски членови, поранешни државни функционери кои биле членови на партија и јавниот обвинител да биде експерт од странство.
„Законот што се предлага има за цел да се амнестираат и да не се користат како материјални докази сите прислушувани разговори кои беа предмет на политичката криза. Ние како партија заинтересирана за вистински реформи сме во многу тешка ситуација. Не поддржувајќи го законот, амнестирани ќе останат корумпираните и оние што ја злоупотребиле службената положба, а гласајќи за ваков предлог закон ние пак ќе ги амнестираме сите, бидејќи законот важи отсега па натаму”, вели Села.
Предлог-законот за обвинителството влегува во собраниска процедура.
Comments are closed for this post.