Казнено-поправните домови имаат недостиг од финансии за соодветно управување, недоволен број на вработени, пренатрупаност, слаба ресоцијализација, недостиг на здравствени услуги, незадоволителен квалитет и количина на храна, слаб контакт на затворениците со семејствата.
Ова се дел од заклучоците на работната група на собраниската Постојана комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, кои беа презентирани на денешната Јавна расправа на тема: Состојбата со човековите права во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија.
Претседателот на Комисијата, Фадил Зејнели со работната група од повеќе пратеници посетиле три затвори и тоа во КПУ Идризово, Штип и Охрид, во период од јуни 2018 до јули 2019 година.
Дел од говорниците на расправата имаа забелешки на третманот и условите на затворениците додека пак претставниците на Казнено-поправните установи реагираа на лошите услови за работа како што се недостигот на средства и човечки ресурски за справувањето со претходно наведените забелешки.
Заменик народниот правобранител Васка Бајрамоска рече дека при нивната посета на затворите која следела по посетата на пратениците забележале дека во затворите владее корупција и дека многу лесно затворениците добиваат мобилен и дрога, дека постои физичко насилство врз нив, а посебно врз малолетниците во охридскиот затвор. Таа имаше забелешка на ресоцијализација, за која рече дека не постои, како и за констатацијата за здравствената заштита на притворените лица и децата сместени во затворот Охрид, каде се обезбедува само од еден лекар кој работи во итната медицинска помош и доаѓа само еднаш неделно да изврши преглед.
Сметаме дека улогата на лекарот во постапување со затвореници како специфична категорија на пациенти е многу поголема и не смее да биде сведена на вршење на рутински прегледи и препишување терапија, истакна Бајрамовска.
Заменик директорката на Управата за извршување на санкции Билјана Зефиќ во однос на лошите услови за работа на Казнено-поправните установи како главна причина ја наведе високата стекната задолженост на затворите од 148 милиони денари како и исплатените побарувања.
Ваквата состојба сметам дека е доволно објаснување за вашата прва констатација во извештајот дека во КПУ има недостиг од финансии за да се овозможи соодветно управување со затворите и овозможување соодветни услови за затворениците, рече Зефиќ.
За недостатокот и лошата исхрана, Зефиќ рече дека може да се согласи само за количеството на храната која можеби некогаш ја има помалку од потребното, но во однос на квалитетот, таа истакна дека тој е гарантиран со постапките за јавна набавка на продуктите како и од умешноста на готвачот и залагањето на менаџерот на затворот за подигнување на квалитетот на повисоко ниво.
Пратеникот Трајчо Димков кој е и поранешен директор на затвор и член на Комисијата, рече дека при посетата на затворите забележал повратници и причината според него треба да се бара во лошата ресоцијализација.
Заменик директорот на КПУ Идризово Феми Јонузи информираше дека по посетата на Комисијата на затворот во јуни 2018 година, Управата затворила неколку простории од затворскиот комплекс кои се руинирани и дека за разлика од минатата година кога вкупниот број на затвореници бил околу 1.000, во моментов изнесува 1.200 затвореници. Нагласи дека посетата на пратениците била спроведена пред да се отворат двата нови објекти во кои моментално се сместени околу 300 затвореници.
Директорот на затворот „Скопје“ Есад Рахиќ на пратениците кои говореа дека не можат неколку денови да се соземат од шокот кој го доживеале при посетата на затворите, им порача да дојдат да ги посетата „Ц“ и „Б“ блоковите во „Шутка“ и дека тој шок, според него, ќе трае со месеци.
Посебно одајата „Б1“ каде што е снимен култниот филм „Тетовирање“ не е пипната. Од 2006 година не е искречена ниту една просторија. Единствено нешто, претходниот директор се обидел со лични активности да направи адвокатска соба, паркинг и видувална, истакна Рахиќ и ги покани пратениците да ја посетат „Шутка“ во која, како што рече, Делегацијата на ЕУ токму таму ќе врши контрола за оценување за прогресот во делот на реформите во правосудството.
Во однос на платите, Рахиќ направи споредба со обичните полицајци со средно образование за кои рече дека имаат 35.000 денари личен доход, дедека затворските службеници околу 23.000 денари, а според него и поголема опасност на работното место.
Comments are closed for this post.