Кандидатката за претседателка на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен, утрово пред Европскиот Парламент ги презентираше темите кои ќе и бидат политички приоритети за време на нејзиниот мандат доколку ја добие довербата на пратениците. Проширувањето на ЕУ не беше споменато ниту еднаш.
Германката од редовите на партијата на Ангела Меркел, која до вчера беше и министерка за одбрана во германската Влада, се бори денеска да изнајде тесно мнозинство од Европскиот Парламент.
Имено, Фон дер Лајен беше компромисно решение на земјите членки на ЕУ откако пропадна процесот на „Шпиценкандидати“ по последните европски избори. Според овој процес, водечкиот кандидат на победничката партија треба да биде назначен и потоа изгласан за претседател на Европската Комисија. Но, на противење на неколку држави предводени од Франција, процесот пропадна, што ги разгневи пред сѐ партиите на Зелените и на Социјалдемократите.
По една недела средби со сите политички партии во ЕП и одговарање на прашањата на пратениците, Фон дер Лајен денеска ја бара нивната доверба.
Нејзиниот говор се фокусираше на големите политички теми кои ќе бидат во срцето на политиките на ЕУ во наредните пет години, со посебен акцент врз прогресивните теми кои би требало да и ги донесат потребните гласови од центар левите и Зелените партии.
Таа започна со нејзините планови за борба против климатските промени ветувајќи „Европски Зелен Дил“ во првите сто дена од нејзиното преземање на функцијата и поднесување првпат европски климатски закон, како и значително зголемување на инвестициите во борбата против климатските промени.
Фон Дер Лајен нагласи дека очекува од земјите членки да номинираат доволно жени еврокомесарки за нејзиниот мандат, и дека доколку тоа не биде сторено таа нема да се двоуми за да ги одбие назначувањата. Германката изрази волја насилството против жените да биде запишано во европските повелби, а Европската Унија да се приклучи кон Истанбулската Конвенција, која досега не е ратификувана во повеќе земји членки на Унијата
Првата жена кандидатка за претседател на ЕК се осврна и на една од најчувствителните теми во ЕУ: миграцијата.
Таа потсети дека ЕУ има должност да го почитува правото на азил, да им дава меѓународна помош на бегалците и да ги спречи трагичните загуби во Медитеранот.
Европа мора да ги брани своите вредности, потребни ни се хумани граници, мораме да спасуваме но спасувањето само не е доволно, треба да ја намалиме нерегуларната миграција, додаде Фон дер Лајен, уверувајќи ги пратениците дека е свесна оти темата создава длабоки поделби во Парламентот.
Таа изјави дека повторно ќе ја стави на маса реформата на системот на азил, реформа која пропадна под притисокот на анти-имигрантските влади во ЕУ.
Фон дер Лајен се заложи за борба за мултилатерализмот и трансатлантските односи, но истовремено и за зајакнување на сопствена европска одбрана без да навлезе подлабоко во оваа исто така поларизирачка тема за пратениците.
Во однос на Брегзит, кандидатката изјави дека е подготвена да прифати пролонгирање на рокот за напуштање на Британија доколку за тоа има добри причини.
За политиката на проширувањето за земјите од Западниот Балкан не стана збор во денешниот говор на Урсула Фон дер Лајен, иако претходните денови, одговарајќи на пратенички прашања, таа порача дека Северна Македонија и Албанија треба да започнат преговори за членство во ЕУ.
Гласањето за Фон дер Лајен на местото на Жан-Клод Јункер е предвидено околу шест часот попладнево. Очекувањата се дека таа ќе успее да собере доволно гласови, но сепак со тесно мнозинство.
Comments are closed for this post.