Можни се предвремени парламентарни избори наредната година, но за тоа е потребен договор на сите политички партии. Од партијата на Ахмети велат дека се апсолутно спремни на тој предизвик .
Пратеникот Артан Груби денеска изјави дека ДУИ смета оти предвремени парламентарни избори оваа година не треба да има, бидејќи прво треба да се заокружи процесот за влез на земјата во НАТО. Следната година, вели тој, секако е изборна, но избори треба да има во декември. Тие избори би можеле, според него да се одржат порано, односно во втората половина на мај, јуни или во октомври. Овие месеци ги посочи поради евентуалното одржување попис во април и техничката Влада што треба да се формира сто дена пред предвремени избори.
„Предвремени парламентарни избори не се тема помеѓу партиските лидери. Секако дека следната година е изборна година. Знаеме дека регуларните избори се во декември, но верувам дека во разговор со другите политички партии ќе има разбирање кампањата да се одвива малку порано, изборите да се одржат малку порано. Имајте предвид и дека согласно Законот за Влада ќе треба да имаме и техничка Влада сто дена пред избори, така што ако ги имате на ум сите овие рокови ќе видите дека оваа година впрочем не се можни предвремени парламентарни избори, а не се ни пожелни затоа што чекаме да го заокружиме процесот за зачленување во НАТО и да добиеме датум за членство во ЕУ“, рече Груби.
Тој нагласи дека за ова е потребен договор на партиските лидери.
Comments are closed for this post.