Имам целосна доверба во нашите можности да ја смениме Грција, рече грчкиот премиер за време на денешната прва владина седница, ги повика членовите на неговиот кабинет да ги засукаат ракавите „за да се задржат високо поставените цели”, го претстави новиот модел на водење на земјата заедно со 12. приоритети на владата.
Силен развој со многу инвестиции и нови работни места, вредност на недвижнините, безбедност за граѓаните, социјална солидарност, подобро образование, помош за средната класа, заштита на животната средина, квалитетно јавно здравство, современа дигитална држава во служба на граѓаните, заштита на работничките права, силна меѓународна позиција на Грција се стратешките приоритети на новата грчка Влада.
„Денеска сите ќе добиете по еден коверт со целите за секое Министерство, во кое се наведени нерешените прашања и за обврските што ги остава владата што си замина. Заедно, ќе биде и програмата со активности до декември, како и еден шестмесечен план со иницијативи како и специјален формулар со вашите идеи и предлози во пресрет на презентацијата на владината програма во Парламентот“, истакна Мицотакис и објасни дека ќе постои електронски систем за следење на напредокот во секоја област.
Грчкиот премиер истакна дека не се доволни „добрите намери и зборовите“ бидејќи народот очекува дела и ги повика неговите министри, сите заедно да покажат дека нема да бидат „уште една Влада како претходните“, туку да покажат дека навистина се поразлични.
„Со други зборови, во пракса да го примениме нашиот слоган дека „Грците заслужуваме подобро и можеме подобро“. И да можеме да ги гледаме граѓаните во очи“, рече Мицотакис.
За време на владината седница уште еднаш повтори дека Парламентот ќе работи цело лето, на 17 јули ќе биде свечената заклетва, следниот ден ќе се одбере претседателот, од 20 до 22 јули ќе расправаат за доверба на Владата што ќе заврши со гласање доверба.
Владините седници од сега па натаму ќе бидат во премиерската палата, како што рече Мицотакис, без камери и микрофони, а ќе присуствуваат само министрите и алтернативните министри, бидејќи, како што објасни, надлежностите на замениците се веќе одредени.
По завршувањето на првата седница, новата грчка Влада се сликаше пред грчкиот Парламент, а потоа секој од членовите на Владата се упати кон своето Министерство.
Comments are closed for this post.