Здравствената состојба на екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски се влошува. Ова за А1 он го изјавил неговиот адвокат Еленко Миланов.
Според него, здравствената состојба е еден од условите за промена на мерката притвор во поблага, но за тоа треба да одлучи Кривичниот совет.
На денешното рочиште за предметот „Траекторија“, Јанакиески изјави дека „ова не е живот“ на што обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, возврати дека „сам си го уништува животот“.
На Јанакиески истовремено му се одредени две мерки на претпазливост. За собраниските настани од 27 април 2017 година мерката притвор му беше заменета со домашен притвор, додека за предметот „Шпански скали“ му е одредена мерка притвор.
Екс-министерот за транспорт и врски веќе неколку дена штрајкува со глад во Истражниот затвор Скопје во Шутка, а вчера, поради влошената здравствена состојба, беше пренесен во болницата „8 Септември“ на преглед, по што повторно беше вратен во истражниот затвор.
Comments are closed for this post.