По два и пол часовна расправа, албанскиот Парламент, со 101 глас „за“, ја изгласа анкетната комисија, која ќе испитува дали претседателот Илир Мета го прекршил Уставот, со уредбата за одложување на изборите.
Против формирање на комисијата гласаа шест пратеници, тројца беа воздржани, а еден одби да гласа.
Претседател на комисијата е социјалистот Улси Мања, и доколку се има предвид дека петмина од деветте членови се негови сопартијци, како и гласовите во Парламентот, повеќе од јасно е дека предлогот за разрешување на Мета до Парлементот е веќе донесен, иако анкетната комисија својата работа треба да ја заврши во рок од три месеци, јави дописничката на МИА од Тирана.
Пратеникот Мања, кој е претседател на парламентарната Законодавна комисија, предлагајќи формирање анкетна комисија, рече дека Мета го прекршил Уставот со уредбата за одлагање на локаланите избори, обвинувајќи го дека одбил да дојде во комисијата да даде образложение.
На почетокот од дебатата учествуваше и премиерот Еди Рама, кој, во подолго обраќање со остар тон и преполно со иронија и обвинувања упатени до шефот на државата, рече дека „Мета е непријател на Уставот, Парламентот, народот, Албанија и затоа треба да се разреши“.
Освен пратеници кои доминираа со обвинувања за Мета, имаше и такви кои беа во негова одбрана. Елда Хоти од независната пратеничка група, во која се новите пратеници од Социјалистичкото движење за интеграција, рече дека „Мета е последниот бранител на демократијата“ и ја предупреди Социјалистичката партија дека доколку го разрешат тогаш „се уште не виделе ништо“.
Пратеникот Лефтер Малиќи го потсети Рама на времето по парламентарните избори во 2013 година.
Денеска одржа политички суд за Илир Мета, оној кој во 2013 година ве донесе на власт. Рама беше оној кој се молеше пред Мета за да формира владина коалиција. Ова е еден голем срам, кој ќе предизвика сите да станеме на народен револт до конечно рушење на Еди Рама, рече Малиќи.
Инаку, барање за разрешување на претседателот поднесоа 55 пратеници
Comments are closed for this post.