Премиерот Зоран Заев денеска повтори дека генералниот секретар на Владата Драги Рашковски во врска со случајот М-НАВ постапил согласно своите надлежности и по налог на Владата. Ја извршувал работната обврска со цел, како што напомена Заев, да се забрза постапката и да се реализира проект кој бил почнат, но не и завршен.
Да се зборува за провизии на состанок на кој биле осум лица, е апсолутно далеку од која било нормална свест, оцени Заев.
Тоа што го има сторено Рашковски е по налог на Владата и е во делокругот на неговите надлежности. Се работи за извршување на надлежностите со цел имплементација на проекти кои биле завршени уште во 2016-та во делот на тендерските постапки, селекцијата и изборот, но до конечната реализација никако не дошло. Само тоа е“, нагласи Заев, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето на новиот погон на фабриката „Тиамо“ во Глумово, Општина Сарај.
Премиерот негираше дека Рашковски на снимката која протече во јавноста, зборува за наводно поништување одлука. Тоа, според него, биле сите алтернативи кои Владата ги изнаоѓала за да го забрза процесот на решавање.
Ако го видите целиот материјал ќе заклучите дека Владата барала и правела начин како да дојде до фактичка, практична имплементација на овој проект. Сите алтернативи што сме ги носеле се во таа насока, но дел од тоа не можам да го коментирам зошто било на затворена седница“, истакна Заев, дополнувајќи дека земјава мора да има радарски систем, а тоа е дел од политиките и обврските на Владата.
Најави одговорност за оние што направиле, како што рече, овој случај да изгледа вака грозно.
Comments are closed for this post.