Со традиционално авијациско добредојде – воден мост за авионот Ербас А 320 на авиокомпанијата „Еуровингс“ и слатки за патниците, ТАВ Македонија денеска го пречека првиот лет од Штутгарт на аеродромот Свети Апостол Павле – Охрид.
Германската авиокомпанија „Еуровингс“, која е дел од групацијата Луфтханза влегува на нашиот пазар со две нови сезонски дестинации Штутгарт и Дизелдорф.
Генерален директор на ТАВ Македонија Алпер Ерсој, на свечениот пречек рече дека „Еуровингс“ ќе лета на дестинацијата Штутгарт-Охрид два пати неделно, секој понеделник и петок, до 9 септември, а од 17 јули авиокомпанијата ќе ја отвори својата втора сезонска дестинација од охридскиот аеродром – Дизелдорф, на која ќе лета секоја среда до крајот на август.
Очекуваме овие две нови дестинации, Штутгарт и Дизелдорф, да го зголемат бројот на патници на аеродромот во Охрид, како и бројот на германските туристи на прекрасното Охридско Езеро. Во исто време, двете нови дестинации ќе отворат нови можности за локалното население кое ќе може да го избере Еуровингс за нивните патувања и да ги искористат поволностите од широката мрежа на 210 дестинации низ целиот свет, вклучувајќи и далечни дестинации до Северна Америка, Јужна Америка и Азија“, изјави Ерсој.
Главниот комерцијален директор на Еуровингс Оливер Вагнер, авио-билетите се достапни веќе од 29,99 евра за лет во една насока.
Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле во моментов опслужува 20 дестинации, од кои осум се редовни нисокобуџетни авиолинии преку целата година: Цирих, Базел, Виена, Лондон, Малме, Милано, Меминген и Дортмунд. Останатите 12 дестинации од охридскиот аеродром се сезонски, од април до октомври: Амстердам, Брисел, Истанбул, Талин, Тел Авив, Варшава, Ајндховен, Катовице, Мастрихт, Адана, Штутгарт и Дизелдорф.
Авиокомпаниите што во моментов летаат од аеродромот во Охрид се: Виз Ер, Еделвајс, Германија Флуг, Пегасус, Онур ер, Корендон, Брисел ерлајнс, ТУИ флај, Нордика, Ентер ер, ЛОТ, Хелветик и Еуровингс.
Охридскиот аеродром е рангиран од Airports Council International (ACI) како еден од првите три аеродроми во Европа, според стапката на најголем раст на бројот на патници во првиот квартал од 2019 година, која е 63,9 проценти, што е значително повисоко од просекот на ЕУ од 4,4 отсто.
Од ТАВ Македонија информираат дека компанијата продолжува да забележува зголемувањето на бројот на патници во првите месеци од 2019 година.
Од јануари до мај 2019 година, преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, патувале вкупно 914.759 патници, што е зголемување за 11 проценти во споредба со истиот период од 2018 година. ТАВ Македонија ја заврши 2018 година со 2,3 милиони патници на двата аеродроми и годишен пораст од 16 проценти“, се вели во соопштението до компанијата.
Comments are closed for this post.