Ако не се сеќаваме на минатото, тогаш сме осудени да го повторуваме, изјави на денешната прва трибина посветена на претстојниот ветинг или процес на прочистување во МВР, судството, обвинителството и сите институции поврзани со спроведувањето и почитувањето на законот, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Притоа, тој изрази жалење што како држава и општество многу долго чекавме на ова од воспоставувањето на независната македонска држава.
Ова е еден од најзначајните, би рекол круцијални и процес во општеството, што ќе доведе до професионализација на сите сегменти и конечно владеење на правото и функционирање на правната држава. Тој не трпи импровизации, површност и недоречености и токму затоа ни е неопходен систем на институционализирана и индивидуална проверка на секој поединец, на секој јавен службеник ангажиран секаде каде се детектирани слаби точки, што се подложни на криминал и корупција, изјави министерот Спасовски.
Законот за ветин, според него, е речиси готов и многу скоро ќе се најде во Собранието, а процесот треба да ги опфати сите вработени во МВР, да се разговара за стручното образование, за нивниот интегритет, за имотната состојба и за евентуални криминални активности на одредени структури во МВР.
Интерес за ваков процес треба да имаат и сите други, се со цел да ја јакнеме професионалноста, интегритетот, да градиме систем којшто ќе функционира во заштита на државата и граѓаните и систем кој нема да зависи од никого, ниту од политиката, ниту од политичарите, туку систем кој што ќе ја штити правната држава и на тој начин ќе создава можности за развој, рече Спасовски.
Државната секретарка во МВР, м-р Магдалена Несторовска, беше децидна дека целиот процес мора да се води неперистрасно, транспарентно и без никакво политичко влијание. Притоа, презентираше искуства од соседна Албанија, каде овој процес почна да се применува во правосудството. Од 75 судии, на пример, 30 биле суспендирани,а 15 сами се повлекле, зашто не можеле да го докажат потеклото на стекнатиот имот.
Интегритетот на поединецот е интегритет на институцијата во која секојдневно влегуваме. Но, спроведувањето на ветингот само во МВР би значело како на автомобил да му смените една гума, а останатите три да останат скинати. Затоа е неопходно процесот да биде спроведен и во судството и во обвинителството, зашто тој е исклучително сериозен, сензитивен и чувствителен, изјави Несторовска.
Професор Слаѓана Тасева, пак, повикувајќи се исто така на албанското искуство, посочи дека сегментите на овој процес во МВР мора да се разликуваат од тие во судството и обвинителството, зашто секоја институција има свои специфики. А, фазите низ кои треба да се спроведува подразбираат проценка на имотот, проценка на минатото и анализа на компетенциите на секој поединец.
Comments are closed for this post.