„Зоран Заев и СДСМ паѓаат. Власта нема поддршка од граѓаните, тоа го покажуваат и анкетите. ВМРО-ДПМНЕ е во сигурно водство во однос на СДСМ. Затоа власта е исплашена и во паника притвора и прогонува функционери на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од опозицискат апартија.

„Обвинителството на Зоран Заев вчера од чисто политички мотиви ги уапси Димитар Димовски член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој ја објави аферата за насилникот Курто Дудуш и Дејан Митески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, кој и нанесе тежок пораз на власта во оваа скопска општина. Со политичкиот прогон врз Димовски, Митевски, Јанакиески и останатите, Зоран Заев не може да го покрие разочарувањето и катастрофата која секојдневно им ја приредува на граѓаните“, стои во соопштението.

Од таму додаваат дека Димитар и Дејан се уапсени и малтретирани затоа што не и се плашат на власта, затоа што јавно ги обелоденуваат криминалите на СДСМ.

„Криминалната влада на Зоран Заев мисли дека со монтирани случаи ќе ја дефокусира јавноста од вистинските проблеми, како криминалот, рекетот, непотизмот, корупцијата, урнисаното образование, неуспесите во земјоделието и сите катастрофи кои ги причини оваа власт“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека заплашувањата нема да успеат.

„Граѓаните одамна препознаа дека со СДСМ државата не може да оди напред. Во услови на вистински режим 25 % од граѓаните го поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, наспроти 23.1 % за СДСМ. Поддршката на сметка на ВМРО-ДПМНЕ само ќе расте и СДСМ тоа го знае. Доаѓа денот за одговорност, Заев и сите негови пулени на функции ќе треба да се соочат со правдата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.