Фокусирани сме на октомври. Покажавме европски однос кон регионот, кон соседството, градиме мостови. Дома имаме неверојатен демократски пресврт во изминатите две години. Мислам дека сме апсолутно подготвени да го почнеме пристапниот процес. Не сме подготвени за членство, меѓутоа сакаме процесот да го користиме како алатка да станеме вистинска европска демократија, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Софија на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за црноморска економска соработка.
Тој истакна дека е оптимист и оти нема друга алтернатива освен европскиот пат. Доколку земјата не добие датум за пристапни преговори, според Димитров, би се испратила лоша порака во целиот регион дека можеби не вреди да се инвестира политички капитал во европски компромиси и да се работи фокусирано на реформите.
– Мислам дека тоа би била една многу опасна порака, меѓутоа јас не гледам алтернатива. Ние сме опкружени со земји членки, економијата ни е многу тесно врзана со економијата на Европа. Над 70 проценти од она што произведуваме, извезуваме на европскиот пазар, над 70 проценти од компаниите што инвестираат кај нас, доаѓаат од земјите членки на ЕУ. Нема друг пат, меѓутоа тој пат е потежок ако ја немаме алатката на пристапување, рече Димитров.
Тој додаде дека регионот нема многу време и нема право на грешки. – Имаме битка да си ги задржиме младите дома оти за нив денес е полесно да најдат европски живот надвор од дома, отколку да останат и да се борат со нас за европски живот во својата татковиина, истакна Димитров.
Comments are closed for this post.