Италијанската полиција заплени 560 килограми марихуана во близина на Бриндизи и уапси двајца албански државјани, на возраст од 27 и 32 години.

Акцијата е реализирана во соработка со припадниците на ФРОНТЕКС и албанската полиција, која сигнализирала дека кон италијанскиот брег плови моторен чамец.

Кога биле забележани двајцата Албанци, инаку жители на албанскиот приморски град Валона, се обиделе да и избегаат на полицијата, но не успеле во намерата.

Марихуаната била спакувана во 24 пакети што тие ги фрлиле во морето.

Доколку дрогата стигнела на нарко пазарот, би достигнала вредност од околу пет милиони евра.

Според полициската статистика, само во тој дел на италијанскиот брег, годинава запленети се 16 тони марихуна пристигната од Албанија, уапсени се 39 лица и запленети 16 моторни чамци.