Седум земји членки на Европската Унија гласале против отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија на вчерашниот Совет на министрите за надворешни и европски работи што се одржа во Луксембург.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на „Твитер“ објави дека против отворање на преговорите гласале Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија.

Дванаесет земји членки биле „за“ преговори: Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, Италија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Естонија, Латвија, Литванија. Другите, меѓу кои и  Грција, биле воздржани, напиша Милошоски.


Во врска со ваквите информации се изјасни и премиерот Зоран Заев. Тој вели дека нема таков податок.

Прв пат слушам за тоа дека седум земји биле против отпочнување на преговорите. До сега немам таков податок“, рече Заев.

Министрите за надворешни работи на Европската Унија вчера не се согласија за доделувањето датум за почеток на преговорите за Северна Македонија, но и за Албанија. Тие се договорија најдоцна до октомври да се навратат на ова прашање.

Потврдувајќи ги своите заклучоци од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот преспански договор, како и договорот за добрoсоседски односи со Бугарија, и се осврна на препораките на Комисијата за отворање пристапни преговори со Република Северна Македонија врз основа на нејзината позитивна оценка за постигнатиот напредок и исполнувањето на условите утврдени од Советот. Поради ограниченото време на располагање и важноста на предметот, Советот ќе се врати на ова прашање со цел да се постигне јасна и суштинска одлука што е можно побргу и не подоцна од октомври 2019 година“, се наведува во заклучокот на Советот за општи работи на Унијата.