Зоран Заев бил на средба во Tетово посветена на редефинирање на државата меѓу двата изборни претседателски круга. Oва е заклучокот кој што се наметнува од молкот и очигледното бегање на Зоран Заев од темата за политички пазар на сметка националните интереси, рече денес на прес-конференција Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека премиерот Заев тргува со интересите на државата за да ја сочува власта и за да продолжи со коруптивните зделки за богатење на картелот кој што го води.
„СДСМ не собра храброст да побараат одговор од Зоран Заев на прозивките за средбата во Тетово каде што за политичка поддршка договарал политичко редефинирање и исцртување на нови граници. Ова е сериозна тема, ова се пресериозни прашања за коишто мора да има одговор. Без одговор уште посериозни се сомнежите дека и одржувањето попис вон европските стандарди е дел од политичкиот пазар за опстојување на Зоран Заев на власт“, додаде Стоилковски.
Во насока на средбата во Тетово за која што нема одговор од Заев, тој рече дека се надоврзува и фактот, дека Република Македонија повторно остана без преговори за членство во ЕУ, а вицепремиерот се закани дека во таков случај постои опасност државата да се распадне.
„По таа негова изјава, почнаа да се шират и идеи за отворање пат за создавање на федерализација на Македонија и на Косово за да се формира федерална унија со Албанија, а сето како последица на неотпочнувањето на преговори за ЕУ. И наместо суштински одговори и одговорност од Заев и неговиот заменик Бујар Османи, наместо суштински реформи и одговорност за изостанувањето на почетокот на преговори што може да предизвикаат сериозни последици, Зоран Заев се посветува на се поголемо деспотство во партијата во насока на политичкиот пазар за опстојување на власт.
Зоран Заев знае дека ја губи власта, знае дека политичките пазари не траат долго, знае дека народот на избори жестоко ќе одговори на девастацијата на државата заради политички трговии со државните и со националните интереси. Потребна е обнова на Македонија која што ќе почне со падот на политичките пазари на Зоран Заев. Затоа тој и бега од одговор и бега од одговорност“, истакна Наум Стоилковски.
Comments are closed for this post.